
Пред да биде одиграно полуфиналето на Лигата на нации помеѓу репрезентациите на Португалија и Германија во Минхен, капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, потврди дека одбил профитабилна понуда да се пресели во Саудиска Арабија бидејќи сака „да игра на највисоко ниво“. Искусниот играч за врска размислувал за трансфер во Ал Хилал од Саудиска Арабија. Сепак, Фернандеш потврди дека ја одбил понудата откако разговарал со менаџерот на Јунајтед, Рубен Аморим, и неговото семејство.
„Претседателот на Ал Хилал ме повика пред еден месец да ме праша дали постои можност да дојдам“, изјави Фернандеш на прес-конференција во Португалија и додаде: „Ми требаше малку време да размислам за иднината. Како што секогаш велев, би бил подготвен да го направам тој потег доколку Јунајтед смета дека е најдобро за мене да заминам.
Разговарав со Рубен Аморим, кој навистина се обиде да ме разубеди. Разговарав со раководството на клубот, кои рекоа дека не сакаат да ме продадат освен ако јас тоа го сакам“, рече капитенот на Јунајтед, кој одби потенцијална заработка до 230 милиони евра.
„Тоа беше многу амбициозна понуда за мене, претседателот беше одлична личност. Никогаш не зборував за пари, тие дојдоа подоцна преку мојот агент. Ќе беше лесен потег, дури и од семејна перспектива. Тука се Рубен Невеш, Жоао Кансело. Моите деца играат со нивните. Но, јас едноставно сакам да останам на највисоко ниво, да играм на големи натпреварувања затоа што сè уште чувствувам дека сум способен за тоа.“
„Моравме да ја донесеме одлуката како семејство и да разбереме што сакам за мојата иднина. Тоа беше прашање што ми го постави сопругата – кои се моите професионални цели. Во ниту еден момент не рече „да“ или „не“, таа секогаш ме поддржуваше и го ставаше мојот професионален интерес на прво место“, изјави Фернандеш и додаде:
„Сакам да продолжам да бидам среќен и да го правам она што најмногу го сакам. Сè уште сум многу страствен за овој спорт. Така го гледам фудбалот и сум среќен со мојата одлука“.