Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека ќе продолжи проектот БРТ онака како што е наследен од претходното раководство на Градот. Тој спомена дека нема да се менува трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и тој претходно, а и сега се залага трасата од Бутел до Кисела Вода да се продолжи до Драчево. Според него, проектот мора да се реализира, бидејќи, во спротивно, државата ќе плаќа камати за кредитот од 70 милиони евра обезбеден од ЕБОР. Инаку, во 2021 година, кога беше промовиран од тогашниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, ВМРО-ДПМНЕ беше најгласен противник на БРТ, нарекувајќи го скап и неефикасен
Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, се изјасни дека нема да се менува основниот проект за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје.
Меѓу другото, најави дека ќе продолжи проектот онака како што е наследен од претходното раководство на Градот. Тој спомена дека нема да се менува трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и тој и претходно, а и сега се залага трасата од Бутел до Кисела Вода да се продолжи до Драчево.
Според Ѓорѓиевски, проектот мора да се реализира, бидејќи, во спротивно, државата ќе плаќа камати за кредитот од 70 милиони евра обезбеден од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
– Државата има земено кредит за овој проект. Наместо да го прекинуваме, наша обврска е да го продолжиме. Моја забелешка отсекогаш е да се продолжи трасата до Драчево, и ќе го направиме тоа – дециден е Ѓорѓиевски.
За проблемот со главната водоводна цевка, Ѓорѓиевски рече дека ќе се консултираат стручни лица. Тој најави дека проектот ќе ѝ биде презентиран на јавноста пред да започне да се реализира.
Одговарајќи на советнички прашања на последната седница на Советот на Град Скопје посветена токму на нив, тој рече дека проектот БРТ е откочен. Притоа, најави дека неговата реализација ќе започне во март.
– По средбите со претставниците на ЕБОР се договорени формирање проектна единица и измена на планот за јавни набавки, со цел почеток на активностите – изјави Ѓорѓиевски.
Од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, која уште на почетокот беше противник на овој проект, повторно се огласија, забележувајќи дека историјата покажала дека кога се прават зад затворени врати, без инволвираност на јавноста, проектите се проблематични, не се добро осмислени и секогаш, како што нагласуваат, парите завршуваат во џебовите на корумпираните.
– Проект како БРТ, кој е платен со 70 милиони евра од нашите пари, и тоа само за првата фаза, мора да ѝ се презентира во целост на јавноста и мора да има отворена дебата за него – сметаат од „Зелен хуман град“.
Тие бараат предлогот да биде јавно презентиран, да биде заснован на научни анализи и да претрпи измени во консултации со заинтересираната јавност, со што би се осигурило најдоброто решение за Скопје.
Тие претходно реагираа и на тоа што само на првата траса, за потребите на БРТ, ќе треба да се уништат 7.000 дрвја, бидејќи ќе поминува низ средишното зеленило на булеварот „Партизански одреди“.
Проектот за БРТ се подготвуваше околу три години, со поддршка од ЕБОР, а за студиите и истражувањата беа вложени над 170.000 евра. Во април 2021 година беше потпишан договор за кредит од 70 милиони евра, за изградба на двете траси. Проектот беше презентиран во јули 2021 година. Според овој проект, со брзиот автобуски превоз на граѓаните ќе им биде потребен половина час за да стигнат од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, односно од едниот до другиот крај на метрополата. Воедно, автобусите ќе сообраќаат по посебни ленти во средишните жардиниери, со затворени станици. Тогашниот градоначалник, Петре Шилегов, тогаш уверуваше дека ќе биде пресадено секое исечено дрво.
Тогаш ВМРО-ДПМНЕ реагираше на најавата на Шилегов за воведување брз автобуски превоз, нагласувајќи дека ја замајува јавноста, зборувајќи едно, а правејќи друго. Односно дека идејата на Шилегов дека ќе го зачува зеленилото при изградбата на таканаречениот БРТ-превоз не соодветствува со реалноста и е уште еден маркетиншки трик, бидејќи, како што нагласија, два метри под дрвјата оди главната водоводна цевка за Скопје и при нивното откорнување може да дојде до нејзино оштетување и пукање. Така откорнатите дрвја ќе бидат уништени и притоа ќе треба да се купуваат нови.
За ВМРО-ДПМНЕ, тогаш најголем проблем беше „претоварот“ на патниците што ќе одат на дестинации што не се опфатени со линијата на БРТ, бидејќи на линијата по коловозните ленти по кои ќе се движи БРТ нема да можат да се движат други автобуси. Дополнително, нивната забелешка беше оти неуко било зголеменото растојание на автобуските станици, со кое се организира превозот, како Скопје да е полунаселен град.
– Со вака поставен систем се создава проблем и при излегувањето и влегувањето на патниците во автобусите на БРТ. Кога ќе излегуваат од автобуската станица, мора да има надвозници за да може да поминат на пешачка зона – реагираа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие потенцираа дека овој проект е многу скап и неефикасен за Град Скопје, со овој број на население и со оваа географска распространетост, и тогаш му упатија апел на Шилегов да не го почнува овој проект на крајот од мандатот и со тоа да не му остава проблеми на идниот градоначалник на Скопје, кој ќе треба отпосле да ги поправа, како што рекоа, неговите грешки.
Kон крајот на мандатот на Шилегов беше распишан тендер за фирма што ќе го спроведе новиот систем на јавен превоз, кој беше објавен на страницата на Европската банка за обнова и развој.
Проектот беше стопиран по доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничката функција, со образложение дека концептот носи ризици за животната средина, но сега актуелното градско раководство најавува негово, конечно, спроведување.
(А. П.)












