Како дел од чествувањето на денот на ослободувањето на град Гевгелија „7. Ноември“, во присуство на претставници од општината, културните установи, семејството на Илија Џаџев и бројни граѓани, свечено беше откриено спомен обележјето на,професорот, писателот, човекот со хавајката во рацете и романтика во душата.
На откривањето на спомен обележјето за ликот и делото на Џаџев говореа првиот дипломиран гевгелиски уметник и современик на Џаџев, Јордан Дане Јанев, ќерката на Џаџев, Софија и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
– Денес стоиме овде со длабоко чувство на почит и гордост, пред споменикот на еден човек кој со својата музика, со својата човечност и со својата добрина остави неизбришлива трага во нашиот град, Илија Џаџев. Самиот Џаџев за себе велеше дека е роден меѓу Двете Светски Војни, во гратче меѓу три легендарни планини, една река и едно езеро, близу еден залив на Медитеранот – истакна уметникот Јанев кој другарувал со Џаџев долги години се до неговата смрт во 1991 година.
Тој потсети дека Џаџев во својот живот, насекаде низ светот со својата хавајска гитара поминал околу 40 милиони километри, а тоа е исто како да ја обиколил земјината топка 80 пати.
– Илија беше повеќе од музичар, тој беше уметник кој знаеше да ја претвори секоја нота во емоција, секој настап во празник. Неговата музика не беше само звук – таа беше приказна за љубовта кон човекот, кон животот, кон овој град и кон својот народ. Беше организатор на првата гитаријада во Гевгелија, основач на списанието „Јужен глас“, даваше поддршка на младите поети и работеше на збогатување на културното живеење на градот – истакна Јанев.

Својот работен век Џаџев го помина како професор по географија во Училишниот центар во Гевгелија. Роден е на 5 октомври во Гевгелија 1926 година. Завршил Природно-математички факултет, група географија во 1954 година. Член бил на „Друштвото на писателите на Македонија“ од 1990 година. Долги години по ред учествувал на Струшките вечери на поезијата како музички илустратор и придружник на поетите од целиот свет, за што поетите му посветиле и една книга со наслов „Звуци и стихови за Џаџев” во 1972 година. За него се снимени и два филма во надреалистички стил „Деведесет и девет” во режија на Столе Попов, како негова дипломска работа во 1975 година и „Концерт за една душа” на Иван Митевски од 1978 година.
Ќерката на Илија Џаџев, Софија, се заблагодари на градоначалникот Сарамандов што Гевгелија добива спомен обележје на нејзиниот татко, кој ќе остане за навек спомен на идните генерации.
Инаку, животот на Џаџев е повеќе од прост збир на години и настани. Тој е несекојдневна личност, со широка душа и немирен дух, преполн со интересни идеи за творење и преобразување. Постарите гевгеличани, а, особено неговите пријатели, можат со денови да ви кажуваат интересни епизоди, слики и случки поврзани со Џаџев. Ќе ви кажат за неговите над 6.000 бесплатни хуманитарни концерти на својата хавајска гитара, во детски градинки, рударски окна, железнички станици, гранични караули, касарни, студентски и пензионерски домови, затвори, плоштадите низ светските градови, под пирамидите во Сахара. За серенадите и романтичниот живот во пополноќните часови во некогашна Гевгелија.
– Џаџев и Гевгелија добија спомен одбележје какво што заслужуваат. Воопшто не се двоумев дали неговиот инструмент треба да биде дел од композицијата. Си реков – Илија ќе продолжи симболично со своите концерти во недоглед. Претставен е во творечки занес облечен во облека која најчесто ја носи на своите концерти. Телото е благо наклонето напред кон инструментот. Лицето му е смирено и ведро. Реалистичниот и фигуративен израз не е случаен, туку е со цел да се поврзе со поголем број почитувачи на неговиот лик и дело – изјави за весникот ВЕЧЕР авторот на спомен обележјето познатиот гевгелиски и македонски современ ликовен уметник, Перо Кованцалиев.
На клупата се втиснати насловите од неговите деветнаесет издадени збирки поезија. Освен што заведувал со својот инструмент тој исто така бил плоден автор со книжевно творештво. На овој начин сакав да ја прикажам и другата негова пасија каде неговите чувствата на радост и болка од длабоко доживеаното го претварал во збор, во вечност. Во сведоштво за времето, за народот, за човекот.
– Се надевам дека гевгеличани брзо ќе го прифатат новото спомен одбележје во градот и истиот ќе стане иманентен дел од урбаното секојдневие во градот. Верувам дека местоположбата каде е поставено како и неговата форма и можноста за интеракција со публиката се добри предиспозиции за ова спомен одбележје да стане често посетувано место во иднина. Споменикот преку неговиот лик не потсетува дека човекот вреди, најмногу кога не се плаши да биде искрен, добар и да твори. На човекот што избира да мисли, да сонува и да живее како слободен. Бидејќи слободата не е дар, таа е храброст да бидеш свој – вели Кованцалиев.
Велат дека Илија Џаџев беше и последниот македонски трубадур, кој со донкихотовска умереност и страст им робуваше на своите исконски визии на звуци, на хармонија. На еден негов пријател, му личи повеќе на смел тореадор, на непоправлив вљубеник во убавината. Вредноста на професорот Илија Џаџев беше во оригиналниот живот и поетичните замисли за светот околу него . Да шири музика, да биде оригинално чуден.А неговото бронзено обележје, кое е поставено пред Народниот театар, ќе остане за навек потсетник на човекот кој живееше пред своето време.
(Љ.А.)












