недела, февруари 1, 2026
Дома СВЕТ Бројот на жртви во пожарот во Кран-Монтана се искачи на 41 –...

Бројот на жртви во пожарот во Кран-Монтана се искачи на 41 – осумнаесетгодишник им подлегна на повредите

110
Фото: EPA/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

Бројот на жртви во пожарот што избувна на новогодишната ноќ во барот „Констелејшн“ во Кран-Монтана денес се искачи на 41, откако 18-годишен Швајцарец, кој беше на лекување во болница во Цирих, им подлегна на повредите здобиени во барот за време на новогодишната прослава, објави обвинителството на швајцарскиот кантон Вале.

Неколку десетици повредени лица, од кои многумина се тешко повредени, сè уште се хоспитализирани во Швајцарија, но и во Франција, Германија, Италија и Белгија, пишува „Фигаро“.

Меѓу 41 жртва, на возраст од 14 до 39 години, 23 се Швајцарци, а 18 се странски државјани, меѓу кои осум Французи, шест Италијанци, еден Белгиец, еден Португалец, еден Романец и еден Турчин. Меѓу 115 повредени има 67 Швајцарци, 21 Французин, 10 Италијанци и четири српски државјани.

Според првичните наоди од истрагата, пожарот бил предизвикан од искри од таканаречени огномет кои дошле во контакт со пена поставена на таванот од подрумот на зградата. Истрагата, исто така, го испитува видот на употребената пена, присуството и достапноста на противпожарни апарати и усогласеноста на излезните патишта со прописите. Францускиот пар Морети, сопственици на барот, се под истрага за „убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и палење од небрежност“.

Во последните денови, истрагата се фокусираше и на двајца службеници за безбедност од општината Кран-Монтана, кои признаа дека не вршеле годишни инспекции за безбедност и противпожарна безбедност од 2019 година, иако се обврзани да го сторат тоа, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ