Најмалку 148 лица беа убиени, а 95 ранети во израелскиот напад врз женско основно училиште во Минаб, град во покраината Хормозган во јужен Иран, објави новинската агенција Мизан, повикувајќи се на локалните власти. Нападот се случи во саботата, а бројот на жртви од тогаш расте, пренесе „Си-ен-ен“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, претходно го осуди нападот и рече дека „овие злосторства нема да останат без одговор“.
„Уништената зграда е женско основно училиште во јужен Иран. Беше бомбардирана сред бел ден, кога беше полна со млади ученици. Десетици невини деца беа убиени само на ова место.
Овие злосторства против иранскиот народ нема да останат без одговор“, предупреди иранскиот министер за надворешни работи на платформата „Икс“, објавувајќи фотографија од училишната зграда од која се издига чад. Иранските власти го осудија нападот како „брутална агресија“, пренесе „Танјуг“.












