Извршниот секретар на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC), Сајмон Стил, предупреди дека рекордниот топлотен бран што ја погоди Западна Европа е „брутален потсетник“ за влијанијата од климатската криза, и човечки и економски.
„Главниот виновник е зависноста на светот од согорување јаглен, нафта и гас и уништувањето на шумите. Овој топлотен бран предизвикан од климатските промени претставува двојна закана, во време кога војната на Блискиот Исток ги покажува растечките трошоци од зависноста од увоз на фосилни горива“, рече Стил, осврнувајќи се на зголемувањето на цените на нафтата и гасот поради продолжената блокада на Ормутскиот теснец, објавува Политико.
Тој ги повика владите да ги засилат напорите за оддалечување од фосилните горива кои придонесуваат за глобалното затоплување.
„Заштитата на човечките животи, бизнисите и економиите од екстремната топлина и многуте други растечки трошоци од климатските промени е фундаментална задача за секоја земја и започнува со многу побрз премин од фосилните горива“, додаде тој.
Во меѓувреме, властите низ Западна Европа во среда ги повикаа жителите да преземат мерки за разладување, а француската метеоролошка служба Метео-Франс издаде портокалови предупредувања за топлотен бран за неколку оддели.
Портпаролката на француската влада, Мод Брежон, во вторник изјави дека невообичаено високите температури довеле до седум „директни или индиректни“ смртни случаи, „вклучувајќи давење, заедно со смртни случаи поврзани со екстремна топлина за време на спортски натпревари“.
Во Германија, официјалните лица во западната покраина Северна Рајна-Вестфалија ги повикаа жителите да избегнуваат наводнување на своите градини и полнење базени за да заштедат резерви на вода, додека министерот за животна средина на регионот, Оливер Кришер, рече дека „моментално нема недостаток на вода, но во време на климатски промени, со долги периоди на топлина и суша, дури и најголемите резерви на крајот ќе се исцрпат“.
Жителите на Иберискиот Полуостров пријавиле проблеми со спиењето бидејќи температурите останувале над 20 степени Целзиусови ноќе, а португалските власти изразиле загриженост дека топлината ќе го зголеми ризикот од шумски пожари на југот од земјата.
Слични услови се забележани во Англија и Ирска, при што во Лондон во вторник е измерена температура од 35,1 степени Целзиусови, што е далеку над мајскиот рекорд.
Директорот на Центарот за истражување на климата ICARUS на Универзитетот Мејнут во Ирска ја опиша ситуацијата како „неверојатна“, истакнувајќи дека рекордите се соборени со голема разлика.
„Тешко е да се замисли дека е соборен апсолутниот мајски рекорд за повеќе од 2 степени, една недела пред крајот на месецот кога вообичаено се очекува да се постават рекорди“, рече тој.
Метеоролозите предвидуваат дека рекордниот топлотен бран ќе се намали овој викенд.
Во Брисел се очекува температурите да се искачат на повеќе од 31 степен Целзиусов во петок пред значително да се оладат.
Италијанското министерство за здравство денес издаде портокалово предупредување за топлина за 14 италијански градови, додека се очекува четири градови утре да ги зголемат своите предупредувања на највисоко, црвено ниво.
Русија, објави ТАСС, исто така беше погодена од топлотен бран во мај – на 20 мај, Москва го собори својот температурен рекорд втор ден по ред: термометрите на метеоролошката станица покажаа 30 степени над нулата, надминувајќи го рекордот поставен во 1897 година кога изнесуваше 29,7 степени. Според рускиот хидрометеоролошки центар, просечната месечна температура за Москва во мај е 13,6 степени Целзиусови.
Се проценува дека најмалку 11 лица починале во Европа поради топлотниот бран, објавија австралиските медиуми.












