БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД ГРИП ЗГОЛЕМЕН ЗА 67,9: Ако те боли глава, не оди на слава!

163

Бројот на заболени од грип во земјава во периодот од 27 октомври до 2 ноември е зголемен за 67,9 отсто во споредба со претходната недела, стои во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во тој период пријавени биле 94 случаи на заболени од грип, за разлика од претгоднаата недела, кога биле регистрирани 56 случаи или речиси се дуплирал бројот на дијагностицирани.

„За споредба, во претходната недела се забележува зголемување од двапати повеќе во однос на 44. недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 47 заболени лица, додека во однос на моделот за последните 15 сезони (66), се регистрира зголемување од 42,9%“, вели ИЈЗ.

Заболените лица од последната недела се регистрирани во Гостивар – 27, Куманово – 26, Битола – 7, Штип – 15, Неготино и М. Брод – по 4, Тетово и Струмица – по 3, Скопје и Радовиш – по 2 и Кавадарци – 1. Во однос на возраста, од 15-64 години се регистрирани 70 лица, лица над 65 години – 17, од 5-14 години – 6 лица и од 0-4 години – едно лице.

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип. Сепак, од направената споредба на бројката на заболени во истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 73,3%, а во однос на моделот од последните 15 сезони  се регистрира зголемување од 27,1%. Во досегашниот тек на сезоната на грип не се регистрирани починати лица асоцирани со грип, велат од ИЈЗ. Грипот зема замав и во земјите од регионот.

Во Македонија оваа сезона досега се вакцинирани се 53.114 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

За сезоната 2025/2026, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 80.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 2.400 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во ризичните групи. Во периодот кога луѓето се собираат на одбележување куќните слави, лекарите апелираат болните да останат дома и да се придржуваат на препораките.

ИЗДВОЕНИ