Со бројни настани и збиднувања, Охрид и оваа година ќе го одбележи патрониот празник 8 Декември, Свети Климент Охридски.

Чествувањата почнуваат в среда напладне, со археолошко и јазично описменување преку литературата за деца и за млади, со второто издание на „Охридска археолошка азбука„ од проф. д-р Антонио  Јакимовски, д-р Елизабета Томевска-Илиевска, м-р Маја Јаневска и м-р Иван Малезанов.

В четврток со почеток во 11:00 часот, во големата сала на Општина Охрид ќе се одржи промоција на книгата „Григор Прличев – вчера денес и утре“ од Милчо Јованоски и НУ Библиотека „Григор Прличев“, а промотор ќе биде проф. д-р Зоран Тунтев.

За во 12:00 часот, во Културниот центар, планиран е настанот „Букви и зборови што создаваат светлина: јазична работилница посветена на свети Климент Охридски“ од Кристина Дукоска. Во 19:00 часот ќе започне осмодекемврискиот концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“, додека од 19:30 ќе се одржи свечената приредба на ООУ „Свети Климент Охридски“.

На 5 декември со почеток во 11:00 часот, во големата сала на Општина  Охрид, ќе се одржи промоција на книгата „Охридски летопис книга втора“ и на „Охридски летопис комплетно издание“ од авторите проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески, а промотор ќе биде проф. д-р Ѓорѓи Тоноски.

Во 12:00 часот, во Спомен-куќата на Робевци, ќе биде отворена изложбата „Прстенот симбол на завет, статус, моќ“ од етнолошката ризница на охридскиот Музеј.

Во 19:00 часот, во изложбениот салон на Центарот за култура, ќе биде отворена традиционалната осмодекемвриска изложба на „Охридскиот фотоклуб“. Во 20:00 часот, на големата сцена во Центарот, ќе се одржи свечена приредба на СОУ „Свети Климент Охридски”. Во исто  време, на плажата Кадмо ќе се одржи концертна промоција на ВИС   „Билјана“ – Охрид, во чест на патронот свети Климент Охридски.

На 6 декември со почеток во 18:00 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложбата насловена „365 дена творештво на бакар“ од охридската уметница Маја Чифлигароска и „Копер краф – MAM“, додека во 19:00 часот, во големата сала на Општина Охрид, ќе биде прикажан краткометражниот документарен филм „Обичен херој“ на авторот и режисер Јован Цветкоски.

На 7 декември во 12:00 часот, на големата сцена на Центарот за култура, ќе се одржат „Регионални смотри на СОФАМ“ – фолклорна смотра на ансамблите од Југозападниот Регион, а во 18:00 часот, во галеријата „Охридска порта Љубица“, самостојната изложба на уметнички слики „Мечта“ од охридската уметничка Јана Маркоска-Наумовска.

На 8 декември во 10:00 часот е предвидено поклонување пред моштите на свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во 11:00 часот полагање цвеќиња на споменикот на свети Климент Охридски во основното училиште што го носи неговото име, а напладне – полагање свежи цвеќиња на монументалниот споменик на свети Климент Охридски на Градскиот  плоштад, со врачување награди за најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод патронот на  Охрид, на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“.

Во 18:00 часот, во Куќата на Уранија, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Охридско секојдневие“ од охридската фотографка Нина Ангелоска.

Чествувањето на патрониот празник ќе биде заокружено вечерта во 19:00 часот, со централната манифестација – свечена академија што  ќе се одржи во црквата „Света Софија“, каде што ќе бидат врачени и годинашните највисоки општински награди и признанија.

ИЗДВОЕНИ