Поради влошувањето на безбедносната состојба во регионот на Блискиот Исток, бројни меѓународни авиокомпании ги откажаа или суспендираа летовите до Израел, Иран, Ирак, Јордан, Либан и до Сирија, а некои компании најавија промени во користењето на воздушниот простор во овие земји.
Грчката компанија „Егеан ерлајнс“ ги откажа сите летови до Тел Авив до 12 јули изутрина, како и летовите до Бејрут, Аман и до Ербил до 28 јуни.
Латвиската компанија „Ер Балтик“ ги суспендираше летовите до Тел Авив до 30 септември, додека руската „Аерофлот“ ги откажа летовите меѓу Москва и Техеран и најави промени на другите маршрути во регионот.
Шпанските авиокомпании, вклучувајќи ја и „Иберија експрес“, ги прекинаа летовите до Тел Авив до крајот на јули, „Ер Франс“, „Ка-ел-ем“ и „Трансавија“, исто така, ги прекинаа летовите до Израел, додека „Бритиш ервејс“ потврди дека ги прекинува летовите до Тел Авив до 31 јули, а до Аман и до Бахреин до 30 јуни.
„Луфтханза груп“ ги прекина летовите до Тел Авив, Техеран и до Бејрут до крајот на јули, додека летовите до Аман и до Ербил се откажани до 11 јули, најавувајќи дека ќе го избегнува користењето на воздушниот простор на засегнатите земји до понатамошното известување. Американските авиокомпании „Јунајтед ерлајнс“ и „Делта“ предупредија дека патувањето до и од Тел Авив ќе биде прекинато до почетокот на август.
„Визер“ ги прекина летовите до Тел Авив и до Аман до 15 септември, а, исто така, објави дека ќе го избегнува и воздушниот простор на Израел, Ирак, Иран и на Сирија. „Етихад ервејс“ ги откажа летовите помеѓу Абу Даби и Тел Авив до 30 јуни, додека „Емирати“ нема да лета до Јордан, Либан, Иран и до Ирак до 30 јуни, а „Флајдубаи“ нема да лета до гореспоменатите дестинации до крајот на месецов.
Романската национална авиокомпанија, „Таром“, ги суспендираше летовите до Тел Авив, Бејрут и до Аман до 24 јуни.
Кипарската авиокомпанија „Тус ервејс“ ги откажа сите летови до Израел до 24 јуни, додека летовите закажани до крајот на јуни се затворени за нови резервации.
Израелските превозници, вклучувајќи ги и „Ел Ал“, „Сундор“ и „Израер“, ги суспендираа закажаните летови барем до крајот на јуни, со ограничена достапност за јули. „Етиопијан ерлајнс“ привремено ги суспендираше летовите помеѓу Адис Абеба и Тел Авив до 22 јуни. Предупредува дека може да се случат понатамошни промени во распоредот на летови и ги советува патниците редовно да проверуваат со своите авиокомпании.