Урамнотежената исхрана, редовната физичка активност и квалитетниот сон се клучни за добро метаболичко здравје, но постои еден индикатор кој најјасно открива дали телото е навистина во рамнотежа.
Квалитетниот живот во суштина е поврзан со здрави навики и долгорочно одржување на општата благосостојба. Метаболичкото здравје (регулирање на шеќерот во крвта, холестеролот, крвниот притисок, обемот на половината) игра голема улога во намалувањето на ризикот од хронични заболувања.
-Метаболичкото здравје не се одредува само од телесната тежина. Тоа зависи од тоа колку хармонично функционираат хормоналниот и метаболичкиот систем. Од ендокринолошка перспектива, средниот живот е период кога зачувувањето на мускулната маса и поддршката на чувствителноста на инсулин стануваат уште поважни. Ова не значи дека падот на метаболизмот е неизбежен, туку дека е потребен попромислен и индивидуален пристап, велат експертите.
Со други зборови, метаболичкото здравје не е прашање на совршенство, туку на одржување на физиолошката отпорност – способноста на телото да се адаптира, да издржи и да се опорави од физички стрес, како што се интензивно вежбање, повреда или болест.
Најважниот знак за добро метаболичко здравје
Можеби се грижите за вашето тело, но дали вашиот метаболизам е навистина во оптимална состојба? Според експертите, најдобриот показател за добро метаболичко здравје е чувствителноста на инсулин, или способноста на телото ефикасно да реагира на инсулин.
Во ендокринологијата, инсулинот е многу повеќе од хормон што го регулира шеќерот во крвта. Тој е централен регулатор на метаболизмот што влијае на начинот на кој телото ги обработува јаглехидратите, мастите и протеините. Инсулинската резистенција често се развива долго пред да се постави дијагноза за дијабетес и пред пациентите да забележат дека се случуваат метаболички промени, објаснуваат лекарите.
Кога се развива инсулинска резистенција, телото се обидува да го компензира слабиот одговор со производство на уште повеќе инсулин. Со текот на времето, ова може да доведе до замастен црн дроб, дијабетес тип 2 и зголемен кардиоваскуларен ризик. Затоа чувствителноста на инсулин е еден од најјасните показатели за метаболичката состојба на една личност.
Како да се провери чувствителност на инсулин
Не постои еден единствен тест што дава дефинитивен одговор. Лекарите проценуваат неколку крвни параметри кои заедно даваат слика за тоа како телото го регулира шеќерот.
Обично започнува со мерење на гликоза во крвта. Зголемените вредности може да укажуваат на послаб одговор на инсулин. Често се прави и тест за инсулин – зголемените вредности, дури и со нормален шеќер, може да бидат знак за почетна инсулинска резистенција.
Друг важен параметар е хемоглобинот A1C, кој го покажува просечното ниво на шеќер во крвта во текот на изминатите два до три месеци. Лекарот може да предложи и липиден профил, кој ги мери нивоата на масти во крвта.
Зошто телесната тежина не е доволен индикатор
Бројот на вагата не дава целосна слика. Телесната тежина не ја разликува мускулната маса од масното ткиво, ниту пак покажува каде се распределени мастите. Висцералната маст, маснотијата што ги опкружува внатрешните органи, е поврзана со воспаление и инсулинска резистенција, додека мускулната маса е метаболички заштитен фактор.
Како да го подобрите метаболичкото здравје
Зголемувањето на физичката активност може да ја подобри чувствителноста на инсулин за само неколку дена.
-Тренингот за сила е особено важен. Скелетните мускули го зголемуваат внесувањето на гликоза и го подобруваат инсулинскиот одговор. Зачувувањето и градењето на мускулите стануваат сè поважни со стареењето и за време на хормоналните промени, објаснуваат лекарите.
Исхраната исто така игра клучна улога. Се препорачува да се консумираат доволно протеини за да се зачува мускулната маса и да се избегнува ултра-преработена храна. Многу експерти советуваат медитеранска исхрана, со умерен дефицит на калории. Важно е да се воспостави редовен и квалитетен сон, како и да се намали нивото на стрес. Одржувањето на добро метаболичко здравје не е краткорочно решение, туку животна одлука што вклучува одржливи навики на долг рок, пишува Рараде.












