Едно лице загина кога брод со најмалку десет лица, меѓу кои и кинески државјани, се преврте на Дунав во близина на Плавна. Полицијата продолжува со потрагата, јави РТС.
Полициската управа во Нови Сад синоќа околу 20:45 часот беше известена дека брод со најмалку десет лица, меѓу кои и кинески државјани, се превртел на Дунав во близина на Плавна.
Веднаш по пријавата, испратени се патроли на Полициската управа на Нови Сад, граничната полиција и припадници на Секторот за вонредни ситуации, кои контактирале и со хрватската полиција, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во Бачко Ново Село, едно лице, кинески државјанин, е извлечено од водата во спасувачка акција и е потврдено дека е мртво.
Исто така, досега се пронајдени уште четири кинески државјани и им е укажана медицинска помош.
Според досегашните информации, хрватската полиција извлекла пет кинески државјани од Дунав – тројца мажи и две жени.
Полицијата продолжува со потрагата и, во соработка со Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, кое го квалификуваше овој настан како кривично дело неовластено преминување на државната граница и шверц со луѓе, презема мерки и дејствија за утврдување на сите околности на овој настан.