Британскиот весник тврди дека има ексклузива: „Зеленски е подготвен да се согласи со клучното барање на Путин!“

358

Володимир Зеленски им порача на европските лидери дека мора да го отфрлат секој предлог од Доналд Трамп што би отстапил дополнителна територија на Украина, но дека на Русија можеби ќе ѝ биде дозволено да задржи дел од територијата што веќе ја освоила, објави ексклузивно за британскиот „Дејли Телеграф“ нивниот дописник од Брисел, Џо Барнс. Ова би значело „замрзнување“ на бојното поле на нејзините сегашни линии и ефикасно предавање на контролата врз окупираните делови на Луганск, Донецк, Запорожје, Херсон и Крим.

Омекнувањето на преговарачката позиција доаѓа пред состанокот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, закажан за петок на Алјаска, според британскиот медиум.

„Планот може да се однесува само на сегашните позиции на трупите на терен“, изјавил западен функционер за „Телеграф“, опишувајќи го претстојниот викенд на интензивна дипломатија меѓу Киев и неговите сојузници.

Имено, Киев и европските престолнини се сè повеќе загрижени дека Трамп и Путин би можеле да преговараат за крај на војната заобиколувајќи го Зеленски.

„Имам многу стравови, но и многу надежи“, рече полскиот премиер Доналд Туск, истакнувајќи дека американските претставници ветиле дека ќе се консултираат со европските лидери пред средбата лице в лице меѓу Трамп и Путин.

Според планот, за кој Москва бара поддршка и кој ги загрижува европските дипломати, бојното поле во југоисточна Украина би било замрзнато, а Киев би се повлекол од деловите на Донецк и Луганск што сè уште ги контролира. Западни извори тврдат дека Путин не ги променил своите основни цели – да ја собори прозападната влада во Киев, да воспостави проруски режим, да го блокира влезот на Украина во НАТО и да ја демилитаризира.

Зеленски во понеделник вечерта изјави дека нема знаци дека Русија се подготвува да ја заврши војната: „Напротив, тие прераспоредуваат трупи за да започнат нови офанзиви“, рече тој, повикувајќи се на извештаи од украинското разузнавање. Киев, иако е подготвен делумно да предаде територија, би се согласил на мир само со цврсти безбедносни гаранции – испораки на оружје и јасен пат кон членство во НАТО.

 

ИЗДВОЕНИ