
Во доверливиот совет се предупредува дека плановите би значеле воспоставување чувствителна национална инфраструктура и објекти во „руската сфера на влијание“, во кои би можеле да се инфилтрираат и да бидат насочени агенти кои дејствуваат во интерес на Кремљ. Според безбедносен извор на „Тајмс“, МИ6 е загрижен за плановите што ги вклучуваат сите земји од Западен Балкан, бидејќи тие се поранешни комунистички југословенски држави.
Британскиот премиер, Кир Стармер, не се откажува од планот Балканот да го направи своевиден резерват за мигранти кои не ги сака неговата земја. Тој опстојува на планот да депортира мигранти во таканаречени „центри за враќање“ во Западен Балкан, и покрај предупредувањето од британската разузнавачка служба МИ 6 дека руските шпиони би можеле да го искористат тоа. Безбедносните насоки што ги даваат разузнавачките служби, според владини извори со кои разговарал „Тајмс“, наведуваат дека регионот е небезбеден за шеми за депортација на мигранти поради неговата близина до Русија.
Во доверливиот совет се предупредува дека плановите би значеле воспоставување чувствителна национална инфраструктура и објекти во „руската сфера на влијание“, во кои би можеле да се инфилтрираат и да бидат насочени агенти кои дејствуваат во интерес на Кремљ. Исто така, се предупредува дека мигрантите испратени во тој регион би можеле да станат цел и да бидат користени од режимот на рускиот претседател Владимир Путин.
Деновиве премиерот ги потврди тврдењата на „Тајмс“ дека владата е во разговори со „голем број земји“ за отворање центри за враќање, што тој го опиша како „навистина важна иновација“. Како што е веќе објавено, Србија, Косово, Македонија и Босна и Херцеговина се на списокот од околу девет земји што ги разгледуваат министрите и функционерите како можни дестинации за одбиените баратели на азил, кои ги исцрпиле сите законски жалби во Велика Британија. На списокот беше и Албанија, но таа го одби Стармер откако ги прифати мигрантите од Италија.
Планот за екстратериторијални центри за мигранти на Балканот не е нов. Претходната конзервативна влада состави список на земји за шема за депортација по моделот на Руанда во 2022 година, но тој план беше блокиран поради загриженоста на МИ 6. Според владин претставник кој работел на предлозите, списокот ги вклучувал и Албанија и Молдавија.
Одделни безбедносни извори велат дека истата загриженост е изразена и во врска со напорите на Стармер да отвори центри за враќање во регионот. Владин извор, кој бил запознаен со безбедносните предупредувања во врска со Балканскиот Регион рекол:
„Советот што го добивме беше дека ќе испраќаме луѓе директно во руската сфера на интерес. Ја наведуваат клучната британска национална инфраструктура, објекти и системи што ќе бидат поставени, во кои Русите би можеле да се инфилтрираат со поставување агенти и други лица што работат во интерес на Кремљ. Во основата, би поставиле важен дел од британскиот интерес токму во област каде што Русија има многу повеќе можности за контрола и влијание отколку каде било на друго место во светот. Проценката за безбедност беше дека тоа не е ниту разумно ниту изводливо. Се темелеше на доказите што ги имаме дека Русија е подготвена да ја користи миграцијата како средство за експлоатација. Поставувањето голем центар за обработка на барања за имиграција веднаш до непријателска земја не е оценето како разумно од безбедносна перспектива.“
Според безбедносен извор на „Тајмс“, МИ6 е загрижен за плановите што ги вклучуваат сите земји од Западен Балкан бидејќи сите тие се поранешни комунистички југословенски држави.
– Загриженоста постои во различни форми. Србија е најлоша, некои земји претставуваат поголема закана од другите. Ова е поранешна Југославија – руските врски се сосема јасни – рече изворот.
Тој додава дека постојат стотици начини на кои Русија може да влијае врз тие влади – дигитално, физички, преку корупција, со поставување проруски личности во владата или со ненамерно влијание врз луѓето да усвојат руски начин на размислување. Русија, исто така, користи организирани банди и се поставува прашањето дали тие земји имаат капацитет во областа на владеењето на правото да се справат со ваквите закани. Посочува и дека српскиот претседател Александар Вучиќ е близок сојузник на Путин и дека ја посетил Москва неколку пати во последната година, вклучително и неодамнешната посета кога присуствуваше на парадата за Денот на победата на Црвениот плоштад. Друга причина што ја наведоа безбедносните претставници се правилата што им овозможуваат на руските граѓани и носителите на руски пасоши слободно да се движат во и надвор од Србија, како и извештаите дека руското оружје слободно се движи низ земјата.
Наспроти овие предупредувања, Британија почна неформални разговори за центрите за враќање со неколку земји, вклучувајќи го и Косово. Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека нејзината земја ќе биде „отворена“ за разговори за потенцијален договор за прифаќање на одбиени баратели на азил од Велика Британија. Сепак, експертите предупредуваат на правни пречки, со оглед на тоа што неколку европски земји не ја признаваат независноста на Косово и дека не е потписничка на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП).
Се претпоставува дека Кабинетот на премиерот поставил цел да ги објави дестинациите за повратни центри до есен, кога Велика Британија ќе биде домаќин на состанок на лидерите од Западен Балкан во Лондон, каде што нелегалната миграција ќе биде главна тема. Сепак, расте фрустрацијата поради недостатокот на напредок од страна на Министерството за внатрешни работи во врска со тоа каква форма ќе има враќањето. Министерството за надворешни работи соопшти дека нема да дава „континуиран коментар“ за плановите за отворање центри за враќање на мигрантите и одби да даде понатамошен коментар.