Британски компании ѝ помагале на Русија да изгради подводна одбрана на Арктикот цела деценија без да знаат за тоа, пишува весникот „Гардијан“.
Истрагата на британскиот весник „Тајмс“, Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и 11 други медиуми откри дека мрежа за набавки поврзана со руски шпиони користела британски фирми за да ги заобиколи санкциите и контролите за извоз.
Според протечените документи, мрежата имала за цел да купи чувствителни подводни компоненти и научни бродови од Европа, САД, Канада и Јапонија, во вредност од повеќе од 50 милиони евра.
Набавките се случиле од 2014 до 2024 година, а биле купени високотехнолошки компоненти произведени во Велика Британија, како што се сензори и далечински управувани возила, во вредност од повеќе од 1,1 милион евра.
Компонентите биле користени во изградбата на рускиот систем за рано предупредување, кој детектира подморници на НАТО во Арктичкиот Океан и го штити руското нуклеарно оружје.
Меѓу продадената британска опрема имало беспилотно возило за снимање и поставување кабли, како и најсовремен звучен сензор погоден за „хидрографски операции за снимање“.
Нема индикации дека британските компании го прекршиле законот.
Откритијата на медиумската група предизвикаа повици до Министерството за бизнис и трговија да ги спречи обидите за заобиколување на британските санкции врз Русија.












