Британскиот хирург Том Потокар, кој е стациониран во јужниот дел на Газа, го спореди овој регион со „кланица“ поради секојдневното бомбардирање на израелските сили.
Откако израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека војниците започнале опсежни копнени операции низ северниот и јужниот дел на Појасот Газа, Потокар во видео порака рече дека ова е „уште еден ден на уништување овде во Газа“.
„Приказните што доаѓаат од северот… се апсолутно ужасни… особено околу индонезиската болница. Мислам, тешко е да се каже со зборови што се случува овде… со постојан звук на бомбардирање над главата. Ако Камбоџа беше поле на смртта, тогаш Газа сега е кланица“, додаде тој, пренесе Sky News.
ИДФ во неделата објави дека нивните воздушни сили нападнале „над 670 терористички цели на Хамас низ Појасот Газа со цел да ги попречат непријателските подготовки и да ги поддржат копнените операции“ во текот на изминатата недела.
Израел ја започна ескалацијата за да го зголеми притисокот врз Хамас, да заземе територии, да ги премести Палестинците на југ и да преземе поголема контрола врз дистрибуцијата на помошта.