Суд во Бангладеш во понеделник ја осуди британската пратеничка и поранешна министерка Тулип Сидик на две години затвор во отсуство за корупција во врска со наводна нелегална распределба на земјиште, соопштија обвинителите.
Поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, која е тетка на Сидик, беше осудена во отсуство на пет години затвор, додека нејзината сестра Рехана беше осудена на седум години затвор.
И двете беа казнети со по 100.000 така (околу 820 долари), а неплаќањето казна доведе до дополнителни шест месеци затвор, соопшти судот.
Сидик, која поднесе оставка од функцијата британски министер за финансиски услуги и борба против корупцијата во јануари по истрагата за нејзините финансиски врски со Хасинa, претходно ги отфрли обвиненијата како „политички мотивирана клевета“, објави „Ројтерс“.
Велика Британија нема договор за екстрадиција со Бангладеш, а претставниците на Хасина не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Обвинителите тврдат дека земјиштето во главниот град Дака, со површина од околу 1.264 квадратни метри, било нелегално доделено преку политичко влијание и дослух со високи функционери.
Сидик, Хасина и Рехана се обвинети дека ја злоупотребиле својата моќ за да ја стекнат парцелата за време на мандатот на Хасина како премиер. Земјиштето требало да се користи за изградба на нов станбен комплекс за да се намали притисокот врз домувањето и населението во Дака.
Хасина, која избега во соседна Индија во август 2024 година за време на големото востание против нејзината влада, минатиот месец беше осудена на смрт за насилно задушување на демонстрациите, а минатата недела доби вкупно 21 година затвор во други случаи на корупција.












