Британија најавува ревизија на имиграциската политика: Помалку визи за квалификувани работници

29

Британската влада ги претстави плановите за ревизија на имиграциската политика на земјата и ставање крај на „неуспешниот експеримент на слободните пазари и масовната имиграција“, а најави и ограничувања за визите за квалификувани работници.

Според новите планови на британската влада, визи за квалификувани работници ќе се издаваат само за дипломирани студенти, додека визи за помалку квалификувани работници ќе се издаваат само за клучните области дефинирани со националната индустриска стратегија, пишува Ројтерс.

Британскиот премиер Кир Стармер е под притисок да го намали нето-имиграцискиот прилив, откако десничарската, антиимигрантска партија на Најџел Фараж „Реформирај Обединетото Кралство“ освои место во Долниот дом на парламентот на неодамнешните вонредни избори.

Лабуристичката влада најави дека промените ќе бидат дел од политичкиот документ наречен „Бела книга“, кој ќе биде објавен денеска, 12 мај. Во него ќе бидат вклучени планови за намалување на имиграцијата.

Наследивме неуспешен имиграциски систем, во кој претходната влада го замени слободното движење со експеримент на слободен пазар, изјави британската министерка за внатрешни работи Ивет Купер. Преземаме одлучни мерки за враќање на контролата и редот во имиграцискиот систем, додаде таа.

Нето-имиграцијата – разликата помеѓу бројот на имигранти во Велика Британија и оние што ја напуштаат земјата – достигна рекордни 906.000 лица во дванаесетте месеци до јуни 2023 година. За споредба, во периодот 2018-2019 година, кога Велика Британија сè уште беше дел од ЕУ, бројката изнесувала 184.000 лица.

ИЗДВОЕНИ