Британија ќе го разоружува Хамас?

36
EPA-EFE/CHRISTOPHE ENA / POOL MAXPPP OUT

Велика Британија би можела да ја преземе водечката улога во процесот на разоружување на милитантната група Хамас во Појасот Газа, изјави во вторник  британскиот премиер Кир Стармер, повикувајќи се на британското искуство во разоружувањето на милитантните групи во Северна Ирска.

Говорејќи во британскиот парламент, Стармер изјави дека разоружувањето на милитантите во палестинската енклава е клучно, доколку примирјето меѓу Израел и Хамас потрае, во согласност со мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.

Според планот на Трамп од 20 точки, првата фаза предвидува воспоставување мир во палестинската енклава. Советникот на Стармер за национална безбедност, Џонатан Пауел, беше главен архитект на договорот што во голема мера го стави крајот на триесетгодишното секташко насилство во Северна Ирска.

Тројца неименувани европски дипломати изјавиле дека примерот на Северна Ирска се разгледува како можен модел за Појасот Газа, иако засега не постои сеопфатен план кој е во примена.

– Се разбира, ова ќе биде тешко, но е и од суштинско значење. Беше тешко и во Северна Ирска со ИРА (Ирската републиканска армија), но и тогаш тоа беше клучно, рече Стармер.

ИРА, претежно католичка група што се бореше за обединување на Ирска, во 2005 година објави дека ја завршува својата вооружена борба.

Сепак, организацијата одби јавно да го уништи своето оружје, но се согласи на присуство на независни набљудувачи, кои по три месеци потврдија дека оружјето е „ставено надвор од употреба“.

ИЗДВОЕНИ