Осомничениот за нападот со нож во брзиот воз во Кембриџшир, во кој беа повредени 11 лица, Ентони Вилијамс (32), денес беше обвинет за 11 обиди за убиство, едно обвинение за тешка телесна повреда и едно обвинение за поседување нож, соопшти Британското крунско обвинителство.
„Одлучено е да се гони Ентони Вилијамс по полициската истрага за инцидентот во возот на LNER од Донкастер до Лондон на 1 ноември 2025 година. Нашиот тим обвинители работеше на утврдување дека има доволно докази за да се изнесе случајот пред суд и дека е во јавен интерес да се гони“, изјави главната обвинителка на Крунското обвинителство, Трејси Итон, според Ројтерс.
Таа истакна дека обвинителството, во соработка со полицијата, разгледало огромна количина докази, вклучително и снимки од безбедносни камери.
„Знаеме колку беше катастрофален инцидентот со возот во саботата и колку ја шокираше целата земја. Нашите мисли се со жртвите на нападот“, рече Итон.
Вилијамс е единственото лице обвинето за нападот со воз.
Полицијата претходно соопшти дека уапсила 32-годишен црн британски државјанин и 35-годишен Британец со карипско потекло, но другиот маж е ослободен.
Полицијата соопшти дека осомничениот се качил на возот на станицата Питерборо.
Пет лица се пуштени од болница, а едно лице е сè уште во критична состојба, соопшти полицијата.
Мажот бил член на персоналот на LNER кој бил во возот во времето на нападот и се обидел да го запре напаѓачот.
„Детективите ги прегледаа снимките од безбедносните камери на возот и јасно е дека неговите постапки биле херојски и несомнено спасиле многу животи“, соопшти полицијата.
Инцидентот се случил во воз за Кембриџшир, кој е оддалечен околу 80 километри од Лондон, а полицијата подоцна изјави дека станува збор за „значаен инцидент“ и потврди дека единиците за борба против тероризмот ќе ја поддржат истрагата.












