По тринаесетина години, деновиве повторно беа отворени вратите на хотелот „Бристол“. Околу објектот, инаку некогаш еден од најпознатите и најславни скопски хотели, кој се наоѓа на улицата „Македонија“, може да се забележат работници. Овој хотел повторно ќе заживее, бидејќи, како што објаснија работниците, се работи на негова реконструкција и тој повторно ќе ја има истата намена. Иако повеќепати се обративме до „Македонија турист“, оттаму не дадоа никакви информации за каков вид реконструкција се работи и дали ќе остане првобитниот изглед на хотелот. Во годишниот извештај за работењето на „Македонија  турист“ АД Скопје во минатата година, објавен преку Македонската берза, се наведува дека е во тек изработка на проекти за негово комплетно реновирање

 

По тринаесетина години, деновиве повторно беа отворени вратите на хотелот „Бристол“. Околу објектот, инаку некогаш еден од најпознатите и најславни скопски хотели, кој се наоѓа  на улицата „Македонија“, може да се забележат работници. Овој хотел повторно ќе заживее, бидејќи, како што објаснија работниците, се работи на негова реконструкција и тој повторно ќе ја има истата намена.

Иако повеќепати се обративме до „Македонија турист“, оттаму не дадоа никакви информации за каков вид реконструкција се работи и дали ќе остане првобитниот изглед на хотелот. Во годишниот извештај за работењето на „Македонија  турист“ АД Скопје во минатата година, објавен преку Македонската берза, се наведува дека е во тек изработка на проекти за негово комплетно реновирање.

Ретко кој од скопските реномирани хотели опстојал толку долго. „Бристол“ е жива историја на градот.

Хотелот „Бристол“ беше затворен на 9 ноември 2012 година и остана да го споменуваат само повозрасните скопјани, кои ја паметат неговата голема тераса.

Бил изграден во 1920 година, а свечено бил пуштен во употреба на 24 април 1924 година. Негови инвеститори и први сопственици биле браќата Ташко и Ристо Караџа, кои се занимавале со трговија на големо. Овие познати скопски трговци, откако ја основале фирмата „Караџа Андровиќ и Ко“, ја нарачале изградбата на хотелот. Уште од отворањето, тие постојано го издавале под наем. За себе и за своја душа го користеле единствено кога била нивната семејна слава, Свети Никола. Тогаш ги собирале своите деловни партнери и пријатели на прослава, во раскошните сали на хотелот. Во близина се наоѓале Железничката станица, хотелот „Русија“ и Кранговата палата.

Позициониран во непосредна близина на Железничката станица, тој претставувал вистинско место за престој и забава. Во него функционирал и првиот Ротари клуб од 1931 година. Се карактеризирал со најдобар дизајн за своето време, овозможувајќи комфор и функционалност. Располагал со простори за одржување свечености, настани и собири на поголем број посетители. Триесет и пет соби биле опремени со еден или со два кревета, со достапни ладна и топла вода и телефонски приклучок, како реткост за објект во тоа време. Покрај сместувањето, бил привлечен за пошироката јавност и по кулинарските специјалитети што се подготвувале во хотелската кујна. Можело да се нарача храна и за дома и таа била доставувана на домашна адреса со пајтон. Објектот бил проектиран од славниот архитект Артемушкин, кој го задолжил Скопје со своите архитектонски дела. Хотелот е на четири ката. Се раскажува дека Евреите имале своја масонска ложа во него.

Пребогатата историјата на хотелот „Бристол“ е поврзана и со старите скопски боемство и музика. На гостите во хотелот им свирел оркестарот на славниот Васил Хаџиманов. Сето тоа, се разбира, не можело да помине без професионални танчари и танчарки. За тоа се грижело и познатото скопско друштво на танчари „Ароести“, кое тогаш било најпознато во Скопје. Артистите и богатите трговци биле постојани гости во „Бристол“. Во периодот пред војната, но и по неа, тоа биле Прличко, Тодорче, Прешо, Димче Трајковски, чика Мита. По војната, најчест гостин бил боемот Панче Уневски, кој имал своја постојана маса во ресторанот. Хроничарите веќе забележале дека поетот Раде Драинац, во „Бристол“, на парче хартија од бурек ги напишал своите најубави песни.

Урбаната легенда вели дека оревот во отворената тераса е симбол на љубовта меѓу писателката и патописец Сесилија Изабел Ендрјус, под псевдонимот Ребека Вест, и српскиот интелектуалец Станислав Винавер, од кого била придружувана, како приказна во текот на триесеттите години од 20 век, раскажана во романот „Црно јагне, див Балкан“ од Петре Бакевски.

Во 60-тите и во 70-тите години, угледот на „Бристол“ зазел различен правец, со што станал сврталиште на сексуалните работнички и бил посетуван од секаков вид посетители. Дури подоцна во 70-тите, во овој објект започнал со работа дискоклубот „Таверна“, кој станал едно од главните места за ноќен живот на една генерација во Скопје.

Меѓу последните значајни настани што се имаат случено во непосредна близина на овој хотел е и атентатот на првиот и поранешен претседател, Киро Глигоров, извршен на 3 октомври 1995 година.

Еден куриозитет што го знаат малкумина скопјани, звучи неверојатно, но вистинито. На самото место спроти хотелот „Бристол“, каде што се случи атентатот врз претседателот Глигоров, се наоѓала семејната куќа на Глигорови, пред Втората светска војна.

Според записите од познатиот скопски хроничар Данило Коцевски, во разговор, поранешниот претседател Глигоров му го потврдил тоа.

– Да, точно е тоа, ние тогаш, пред војната, сѐ уште живеевме во Штип, кога една вечер дојде татко ми од Скопје и рече: „Купив куќа, условите беа поволни, таа се наоѓа веднаш кај хотелот „Бристол“. Сите бевме изненадени, најмногу мајка ми“.
Според неговите сеќавања, тоа била куќа со приземје и кат, во која горните простории служеле за живеење, а долните биле адаптирани во трговски дуќан. Дуќанот го издавале под наем. Во него се продавале гумени производи, тркала и велосипеди.

– Еден месец, кога не можеше да ја плати киријата, трговецот ни подари голем прекрасен грамофон со карактеристичен, широко извиен звучник, како од филмовите. Нашата радост беше голема – раскажал претседателот.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ