Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, вели дека еколошкиот криминал честопати добива облик на организиран криминал, но немањето капацитет на инспекциските и на истражните органи, како и скапите и долготрајните вештачења, го обременуваат докажувањето на делата, а недостатокот на материјални и кадровски ресурси е проследен со постојан пораст на бројот и на сложеноста на предметите од областа на еколошкиот криминал

Домашните законски решенија во голема мера се усогласени со современите предизвици за заштита и за санкционирање на загрозувањата на животната средина, но во практиката, и натаму при примената се јавуваат одредени недостатоци, пред сè, во фазата на обезбедување докази, истакна државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски на вчера одржаната Националната тркалезна маса за Конвергенција на климатската и еколошката правда, во Скопје .
– Еколошкиот криминал и кај нас е веќе класифициран како сериозен и сложен криминал, кој честопати добива облик на организиран криминал, а штетите од него се огромни и во здравствена и во економска форма. Недоволните капацитети на инспекциските и на другите истражни органи за откривање на овој вид кривични дела, како и скапите и долготрајните вештачења го обременуваат докажувањето на делата од еколошкиот криминал, особено ако се имаат предвид недоволните ресурси што за таа намена му се доделуваат и на Обвинителството. Недостатокот на материјални и кадровски ресурси е проследен со постојан пораст на бројот и на сложеноста на предметите од областа на еколошкиот криминал – рече Коцевски.
Европската комисија ѝ даде црвен картон на Македонија за напредокот во животната средина. Во извештајот на Европската комисија 2025, за делот од поглавјето 27 „Животна средина и климатска акција“, се посочува на алармантна состојба, буквално во сите области. Една од забелешките на ЕК е дека, иако во земјава имаме кривични закони што ја опфаќаат животната средина, сепак, посочуваат дека „сѐ уште не се преземени никакви дејства за спречување противправни активности во оваа област“.

На оваа забелешка Коцевски подвлече дека Македонија има задача да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, но истовремено од напредокот во оваа област зависи нашиот вкупен економски и социјален напредок.
На климатските услови и на заштитата на животната средина мора да гледаме како на заедничко добро кое сме обврзани да го штитиме бидејќи тоа е прашање на интергенерациска правда. Начинот и ефикасноста со која се справуваме со овие облици на криминал, директно влијае на тоа каква земја ќе оставиме за следните генерации – рече Коцевски.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, нагласи дека климатската и еколошката правда се стратешки приоритет за Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ и потсети дека се вложени сериозни напори во вградување на климатската политика во стратешките документи.
– Новиот Национален енергетски и климатски план го приближува нашето енергетско планирање кон европскиот модел, каде што намалувањето на емисиите, интеграцијата на обновливите извори и енергетската ефикасност се третираат како меѓусебно поврзани цели. Анализата за климатска адаптација во земјоделството е уште еден важен чекор бидејќи го зајакнува капацитетот на сектор кој е директно изложен на климатските ризици. Паралелно со тоа, институциите веќе работат на систематизирање зелени работни места и нови квалификации што ќе ја поддржат транзицијата, со што ја отвораат вратата за нови професионални можности, особено за младите – нагласи Муртезани.
Од ЕК посочија дека и покрај тоа што заштитата на животната средина претставува човеково право и е гарантирана со Уставот и со законите на Република Македонија, државата сè уште не може да го унапреди остварувањето на човековите права во оваа област.
– Македонија јасно ги покажува слабостите на системот и недостигот на капацитети за справување со предизвиците во областа на внатрешното уредување – се нотира во извештајот, каде што повторно се потврдуваат постојните недостатоци, а во фокусот се измените што треба да ги спроведе Македонија што е можно побрзо, во однос на приближувањето на своето законодавство до легислативата на Европската Унија.
Муртезани нагласи дека климатските и еколошките прашања не се изолирани на национално ниво, затоа што реките, природата, воздухот ги делиме со регионот.
– Затоа Зелената агенда за Западен Балкан, инструментите како ИПА III и рамките на Енергетската заедница се можност за вистинска регионална конвергенција. Нашата цел не е само да ги исполниме европските барања, туку и да учествуваме во создавање регионален стандард што ќе придонесе за стабилност, економска конкурентност и подобро здравје за граѓаните – рече Муртезани.
На тркалезната маса беше нагласена потребата од поефективна меѓуинституционална координација, непречен пристап до правдата и ефикасно спроведување на законите во областа на климатската и еколошката заштита. Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, рече дека треба да се изградат институции што ќе обезбедат заштита на животната средина, но и вистинска еднаквост пред законот.
– Еколошката правда мора да стане секојдневна практика, а не декларативна цел. Само така ќе ја обезбедиме европската иднина што ја заслужуваат нашите граѓани – истакна Лашкоска, нагласувајќи дека заштитата на природните ресурси мора да биде цврсто втемелена во правната рамка и институционалната практика.
На состанокот компаративно беа презентирани и разгледани практиките и искуствата за превенција, гонење, санкционирање и рехабилитација во областа на еколошката правда во Франција и во Македонија.
(С. Бл.)












