Полскиот амбасадор Мариуш Бримора вели дека во моментов, Комисијата, Брисел, Претседателството, секој е подготвен за процесот на проширување и дека се очекува од Владата да го искористи, како што вели, поволниот моментум за земјите кандидати и да покаже политичка волја да го придвижи процесот напред, со исполнување на обврските од договорот, како и со комплетирање на процесот на реформи. Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, потврдува дека се очекуваат конкретни резултати и додава дека се подготвени да се вложи целокупниот човечки и институционален потенцијал за час поскоро Македонија да стане дел од европското семејство, но додава дека сме изморени од ветувања и од условувања, преку кои не сме подготвени да преминеме
Работиме на приближување на ставовите на Скопје и на Софија, спроведете реформи, вратите за ЕУ се отворени. Оваа порака ја испрати полскиот амбасадор Мариуш Бримора, кој нагласи дека полското претседателство со Советот на ЕУ сака да го придвижи процесот на проширување, со надеж за конкретни чекори и конкретен напредок во процесот, но оти обврските преземени од нашата држава треба да се исполнат. Бримора посочува дека земјава треба да продолжи со борбата против корупцијата, која е проблем број еден во општеството и оти Владата и сите политички чинители треба да се борат против корупцијата и да ги стават работите под контрола. Тој вели дека реформите, парите од Планот за раст, плус неопходните услови што треба да се исполнат, а се однесуваат на уставните измени, ќе ги отворат вратите за почеток на преговорите.
– Има една стара поговорка pacta sunt servanda, односно договорите мора да се исполнат. Оваа обврска на Северна Македонија стана дел и од позицијата на Брисел. Комесарката Марта Кос јасно кажа дека очекува Северна Македонија да ја исполни обврската со цел да се придвижи процесот. Што и да кажеме, повторно доаѓаме до истиот заклучок: сè почнува со уставната обврска, а потоа процесот може да продолжи – вели Бримора во интервју за МИА.
На прашањето дали е можен нов договор со Софија и дали т.н. тивка дипломатија што се води може да донесе резултати, вели дека секогаш има простор за разговор и оти претставниците на Владата ја користат секоја можност, при средбите со своите партнери на меѓународни форуми, да разговараат за овој проблем, но, како што вели, потребно е исполнување обврска согласно со договорот од 2022 година.
– Мислам дека не треба да бидете загрижени за датумот 2030 година. Вистината е, како што знаеме сите овде, дека треба да го почнеме процесот на пристапување. А, за да започне пристапниот процес, Северна Македонија треба да ја исполни својата заложба и да го промени Уставот, поради обврската што ја презеде во 2022 година, при потпишувањето на договорот. Откако ќе го направите тоа, можеме да го планираме процесот и да ги отвориме преговорите речиси веднаш. Значи, датумот сега не е проблем. Најголемиот проблем и проблем што го имаме овде и сега е да го овозможиме почетокот на преговорите – рече Бримора.
Тој вели дека очекувањата од Владата се дека ќе покаже политичка волја да го придвижи процесот напред, со исполнување на обврските од договорот, како и со комплетирање на процесот на реформи.
– Потребна ни е политичка волја, потребно ни е комплетирање на реформите во Северна Македонија и е потребно да се осигуриме, мислам на политичарите тука, дека нема да ја загубат поддршката од македонското општество за членство во ЕУ, бидејќи веќе знаеме од анкетите на јавното мислење дека оваа поддршка оди надолу, општеството е веќе заморено од чекање. Затоа мора да бидеме многу внимателни да не ја загубиме поддршката од општеството. За среќа, последните истражувања на јавното мислење што беа објавени пред само неколку недели, мислам дека сè уште беа на ниво малку над 60 отсто, така што мора да го искористиме тој ентузијазам – вели Бримора.
Тој посочи дека во моментов, Комисијата, Брисел, Претседателството, секој е подготвен за процесот на проширување.
– Вратите се отворени. Ова е многу поволен моментум за земјите кандидати. Проблемот со светот денес, нестабилноста што ја споменавме, непредвидливоста, проблемот е дека ваквиот моментум може и да не трае вечно. Значи, задача на Владата на Северна Македонија е да го искористи овој моментум сè додека трае – истакнува Бримора.
Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, вели дека Владата е свесна дека Унијата очекува конкретни резултати и додава дека се подготвени да се вложи целокупниот човечки и институционален потенцијал за час поскоро да Македонија стане дел од европското семејство.
– Изморени сме од ветувања и од условувања, преку кои не сме подготвени да преминеме. Новата Влада постави црвена линија. Црвената линија е нашиот македонски идентитет, кој нема да дозволиме да биде обременет со билатерализација. Но, иако предолго и неправедно сме во чекалницата на ЕУ, ние немаме друг избор, освен да продолжиме цврсто напред – рече Трајков.
Поранешниот министер за европски прашања, Бојан Маричиќ, потврдува дека во моментот постои огромна волја во Брисел, на некој начин, како што вели, и чувство на грижа за Македонија, зошто досега не е подлабоко во преговорите, но, вели, ако нема храброст да се направат уставните измени час поскоро и се испушти моментот, ќе останеме во чекалницата уште долго време.