Проблемот со ограничувањата за престој на камионските превозници во Шенген-зоната доби конкретен меѓународен одговор. Европската комисија ја прифати нивната позиција и ги призна возачите како професионалци кои треба да имаат право на подолг престој во земјите членки. Ова е резултат на силниот притисок од Западен Балкан и на поддршката од некои земји членки на ЕУ. Сега се очекува Европската комисија да донесе законски решенија кои ќе овозможат поголема флексибилност и правна јасност за превозниците. Оваа мерка е важна за зачувување на транспортните синџири и за стабилноста на економиите во регионот. „Макам-транс“ попладневo одлучува за идните чекори на превозниците
Европската комисија ги прифати барањата на камионските транспортери од Западен Балкан, кои од понеделникот ги блокираа граничните премин за товарен сообраќај поради новите правила за престој во Шенген-зоната од 1 април, 2026 година. Транспортерите со месеци укажуваат дека бараат ист третман како авионскиот, бродскиот и железничкиот екипаж, кои се ослободени од правилото 90 дена во рок од 180 дена во рамките на ЕУ.
Според одлуката, возачите на камиони би имале право да престојуваат подолго од 90 дена на територијата на ЕУ, под услов овој престој да не е регистриран само во една од земјите членки на Унијата.
– Некои професионалци од трети земји, кои многу се потпираат на мобилност помеѓу државите членки – како туристички артисти, спортисти кои учествуваат на спортски настани, експерти кои работат на проекти преку граници, работна сила што ја поддржува индустријата и услугите на ЕУ или камионџии кои работат за бизниси во ЕУ – можеби ќе имаат потреба од пристап до различни држави членки повеќе од 90 дена во период од 180 дена, без да им биде потребен долгорочен престој или дозвола за живеење во ЕУ. Комисијата тесно ќе соработува со државите членки за да идентификува прагматични решенија за да им овозможи продолжен краткорочен престој на избрани категории државјани од трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците. Овие размислувања ќе ги опфатат и можностите за воведување нови законски решенија со специфичен сет на правила за продолжен краткорочен престој на ниво на ЕУ – се наведува во одлуката на Европската комисија.
Прв објавувајќи ја одличната вест, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, рече дека возачите се прифатени како професионалци. На ова му претходеше силен меѓународен притисок за решавање на проблемот со превозниците, а имаше и поддршка од земји од Европската Унија. Тој очекува Европската комисија наскоро да излезе со конкретно решение на состанокот со министрите за транспорт од регионот закажан за првата недела од следниот месец.
– По протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи. За доброто на целокупната економија ова е важно решение – истакна Николоски.
Според него, се разгледуваат неколку алтернативи: применување исти правила како за пилотите, кабинскиот персонал и машиновозачите, одложување на системот за една година додека се бара решение, издавање работни визи од страна на секоја земја членка на Шенген-зоната, како што тоа го прави Швајцарија, или четврто решение што би го понудила Европската комисија.
Другите барања на камионџиите, како што се враќањето на дел од акцизата за гориво и враќањето на ДДВ, а особено скратувањето на непотребните задржувања на границите, би требало да се решат на ниво на земјите од Западен Балкан. Доколку постои волја кај министрите, можно е некои од овие прашања да бидат решени за време на собирот во Брисел во текот на следната недела.
Доколку не се дојдеше до решение, Николоски вели дека тоа ќе биде сериозен удар врз транспортните компании, со оглед на тоа што тие работат просечно 240 до 250 дена во годината. Тој додаде дека би влијаело и на извозот во Велика Британија, втор трговски партнер на земјата, со можност за прекин или значително намалување на синџирот на снабдување.
Економските штети од неколкудневните протести на камионските превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора се мерат во стотини милиони евра. Неколкудневните протести со блокада на камионскиот превоз, како што известија од Министерството за енергетика, во Македонија не предизвикуваат поголеми застои во снабдувањето со храна, а државата уверува дека нема криза во снабдувањето со горива за граѓаните и стопанството.
– Државата располага со нафтени деривати во државните резерви доволни за околу 42 дена редовно снабдување на пазарот. Постојните количини во државните резерви, во комбинација со редовното снабдување од страна на увозниците и дистрибутерите, обезбедуваат континуитет и покривање на потребите на пазарот според просечната дневна потрошувачка. Доколку дојде до продолжена и целосна блокада во траење од неколку недели, државата има законски можности за активирање на резервите за навремено и контролирано снабдување – изјавија од Енергетика.
Како дополнителна мерка, Министерството посочува дека продуктоводот за дизел гориво ќе овозможи дополнително зајакнување на сигурноста и стабилноста на снабдувањето. По завршувањето на неопходните технички и организациски подготовки, се очекува испорака на квалитетен дизел по 15 февруари.
Хрватска ги поддржа барањата на превозниците од четирите држави од Западен Балкан затоа што последици од блокадите има и Хрватска, за што реагирале и бизнисмени.
– Тоа дефинитивно не е добро. Тоа е загуба за економијата на трети, соседни земји, но и за хрватската економија. Ме контактираа и одредени компании кои велат дека ова ги спречува да работат нормално и дека претставува сериозна пречка – изјави министерот за транспорт на Хрватска, Олег Бутковиќ.
Пред Брисел да ја објави одличната вест, Црногорското Здружение на транспортери донесе одлука да ја прекине блокадата на товарниот сообраќај. Превозниците соопштија дека Владата се согласи да реши значителен дел од нивните барања. Меѓу другото, е договорено враќање на ДДВ во законски предвидениот рок, транзитниот период за стока увезена од Црна Гора да се продолжи на 72 часа, а предлогот за бенефицирано работно искуство ќе биде ставен на гласање пред Владата.
Сепак, според Здружението, прашањето со акцизата на горивото сè уште не е целосно решено. Превозниците истакнаа дека добиле уверувања дека сите клучни теми со европските партнери, вклучувајќи ја и акцизата за дизел горивото, ќе бидат разгледани. Исто така, е потврдено продолжување на работното време на фитосанитарните инспектори.
Изминатите денови, дел од македонските возачи беа казнети за надминување на дозволениот престој во европските земји. Дополнителен проблем, како што посочија, е недостигот од професионални возачи на европскиот пазар, поради што компаниите не можат лесно да обезбедат замена, ниту финансиски да го издржат периодот во кој дел од возачите мора да чекаат на новата дозволена квота за престој во земјите од Шенген-зоната.
Што пишува во одлуката на ЕК за намалување на сложеностите
– Во моментов, законите на ЕУ дозволуваат престој во Шенген-зоната до 90 дена во период од 180 дена, како за патници без виза, така и за оние што бараат виза. Секој престој подолг од 90 дена бара долгорочна виза или дозвола за престој издадена од држава членка. Меѓутоа, некои професионалци од трети земји кои многу се потпираат на мобилност помеѓу државите членки – како туристички артисти, спортисти кои учествуваат на спортски настани, експерти кои работат на проекти преку граници, работна сила што ја поддржува индустријата и услугите на ЕУ или камионџии кои работат за бизниси во ЕУ – можеби ќе имаат потреба од пристап до различни држави членки повеќе од 90 дена во период од 180 дена, без да им биде потребен долгорочен престој или дозвола за живеење во ЕУ.
Ова создава сложен систем, кој дополнително е комплициран од постоењето на билатерални договори склучени од некои држави членки пред влегувањето во сила на шенгенските правила. Овие договори им дозволуваат на државјаните на одредени трети земји да останат повеќе од 90 дена, но само во територијата на таа држава членка, што ја нарушува униформната примена на шенгенските правила.
Комисијата ќе соработува тесно со државите членки за да идентификува прагматични решенија за да им овозможи продолжен краткорочен престој на избрани категории државјани од трети земји, обезбедувајќи безбедносна и економска корист за Унијата, како и правна јасност за патниците. Овие размислувања ќе ги опфатат и можностите за воведување на нови законски решенија со специфичен сет на правила за продолжен краткорочен престој на ниво на ЕУ. Во тој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори кои дозволуваат продолжен престој, со цел постепено нивно укинување.
Клучни следни чекори:
*Брзо спроведување на дигитализацијата на визните процедури.
*Поставување на Европскиот систем за информации и авторизации за патување (ЕТИАС) во 2026 година.
*Идентификување опции за визни дозволи со повеќекратен влез и подолг рок на важност.
*Спроведување на препораките на Комисијата за привлекување таленти за иновации.
*Испитување опции за приспособување на рамката за долгорочни визи на ЕУ во насока на иновации и истражувачки екосистеми.
(С. Бл.)












