Брисел без дипломатска шминка – нема уставни измени, нема ЕУ!

Македонија не презела „одлучни чекори“ во процесот на евроинтеграција во изминатата година, оцени Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на земјите кандидати. Главна забелешка останува недонесувањето на уставните измени, кои се услов за отворање на првиот кластер во преговорите со Европската унија. Во извештајот се истакнува дека земјата продолжила со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што ја потврдува нејзината стратешка определба. Комисијата сепак укажува на потребата од засилена борба против корупцијата и организираниот криминал, како и зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството. Во однос на другите кандидати за членство се нагласува постигнатиот напредок на Црна Гора и Албанија во досегашниот тек на преговорите, додека од друга страна помал ентузијазам се покажува за Босна и Херцеговина, Косово и Србија

816

Македонија изминатата година не презела „одлучни чекори“ за напредок во преговорите за членство и се уште не ги усвоила уставните измени, вклучително и за вклучување во Уставот на граѓани кои живеат во нив, а се дел од други народи, како што се Бугарите, согласно заклучоците од јули 2022 година, кои се обврзала да ги започне, се наведува во редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија, што денеска во Брисел го презентираше еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Комисијата во извештајот посочува дека земјава продолжила со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што сведочи за нејзиниот стратешки избор, но дека се потребни понатамошни брзи и решителни активности во однос на одредниците за старт на преговорите во согласност со Преговарачката рамка, со цел Првиот кластер да биде отворен што е можно поскоро и кога ќе бидат исполнети поставените услови. Во заклучоците, ЕК потенцира дека земјава треба дополнително да работи на зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

-Властите продолжија да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на акцискиот план за заштита на малцинствата. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, особено во рамките на кластерот „Основни вредности“, особено за да се одржи владеењето на правото, особено преку заштита на судската независност и интегритет, како и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава без неуморно, вклучително и преку зајакнување на спроведувањето и воспоставување солидна евиденција во истрагата, гонењето и конечната пресуда за случаите на високо ниво. Билатералните договори со соседните земји, вклучувајќи го и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, бараат доверба од сите страни, се наведува во нацрт-извештајот на Европската комисија.

ЕК чека „одлучни чекори“ од Македонија 

Презентирајќи ги извештаите за земјите кандидатки за членство во ЕУ пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, еврокомесарката за проширување, Марта Кос истакна дека Комисијата им подава рака на сите земји-кандидати. Во однос на Македонија, таа рече дека немало реален прогрес кон ЕУ во изминатата година. Кос истакна дека земјава останала целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата и ја продолжи техничката работа на Патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1, но потенцира дека земјава не презела одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата една година.

-Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, рече Кос пред АФЕТ.

Според неа, со оглед на забрзувањето на процесот на пристапување за некои земји-кандидатки, успешното проширување на ЕУ е реална можност во наредните години.

– Секое проширување треба да ја направи нашата Унија посилна. За да го постигнеме тоа, ни треба поголем напредок во два главни столба. Прво, идните земји членки мора да се подготват за одговорностите од членството, и второ, мора да ја подготвиме нашата Унија за поголема ЕУ, истакна Кос и додаде дека следната година ќе претставува момент на вистината за сите земји кандидатки, но особено за оние кои презентираа амбициозни планови за завршување на преговорите, бидејќи „високите амбиции доаѓаат со високи очекувања за реформи“.

Еврокомесарката истакна дека само ако се заврши обединувањето на Европа, „можеме да обезбедиме мир, слобода и просперитет на нашиот континент“.

-Ние Европејците треба да направиме многу повеќе за да ја преземеме контролата врз нашиот континент, да ги браниме нашите демократски вредности и да ја заштитиме нашата сопствена безбедност. Ова може да се направи успешно само со заедничка работа со нашите соседи за да создадеме силна, стабилна, безбедна и обединета Европа заснована на заеднички вредности и принципи, рече Марта Кос.

Отворен прозорец

И високата претсавничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, на заедничката прес-конференција со Кос, исто така истакна дека проширувањето е политички приоритет и геополитичка инвестиција.

– Овие прозорци на можности не се отвораат многу често, но овој прозорец е сега отворен и мора да го искористиме. Ние не нудиме скратени патишта, проширувањето се базира на мерит системот. Проширувањето не е само за кандидатите, ЕУ исто така треба да биде подготвена. Проширувањето на Унијата е од наш голем интерес. Со проширувањето расте и нашата геополитичка моќ, рече Калас и потенцираше и дека целосното прилагодување со надворешната и безбедносна политика на ЕУ е исто така клучна за земјите кандидати. За Македонија, Калас само потенцираше дека сеуште не ги направила бараните уставни измени.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Унијата е посветена на проширувањето, но повтори дека тоа е процес кој се темели на заслуги.

-Повеќе од кога било сме посветени на тоа да го претвориме проширувањето на ЕУ во реалност. Зашто поголемата Унија значи посилна и повлијателна Европа на светската сцена. Но, проширувањето е процес што се темели на заслуги. Нашиот пакет нуди конкретни препораки за сите наши партнери. И на сите ним им порачуваме: пристапувањето во ЕУ е единствена понуда — ветување за мир, просперитет и солидарност. Со вистински реформи и силна политичка волја, нашите партнери можат да ја искористат оваа можност, изјави Фон дер Лајен.

Како позитивен развој на настаните во земјава, во извештајот се наведува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество и се оценува дека земјата постигнала одреден напредок во однос на плурализмот и слободата на медиумите и на слободата на изразување.

Европската комисија во документот нотира и дека земјава е една од државите што се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит, чија цел е забрзување на движењето на стоките преку границите.

И бриселскиот портал „Политико“, во осврт пред вчерашното објавување на извештаите за напредокот на европскиот пат на земјите кандидати за членство во ЕУ, потенцира дека Македонија останува попречена на патот кон ЕУ поради историскиот и јазичниот спор со Бугарија, и покрај тоа што го смени името во 2019 година за да го реши спорот со Грција.

– Иако се очекува во извештајот да се забележи одреден економски напредок и посилно усогласување на надворешната политика со ЕУ, генерално, бројчаникот не се помести многу од минатата година – се наведува во текстот во однос на земјава, при што се оценува дека земјава добила факултетска „осумка“.

Црна Гора најдобра, БиХ и Србија најкритикувани

Во однос на другите кандидати за членство се нагласува постигнатиот напредок на Црна Гора и Албанија во досегашниот тек на преговорите, додека од друга страна помал ентузијазам се покажува за Босна и Херцеговина, Косово и Србија.

Во општиот дел од заклучоците Европската комисија посочува дека членството во ЕУ е геостратешка инвестиција во силна, стабилна, безбедна и обединета Европа заснована на заеднички демократски вредности, а инвестирањето во проширувањето, исто така, е и во стратешки безбедносен интерес на ЕУ.

– Проширувањето е и ќе остане строг, фер и процес базиран на заслуги, заснован на објективниот напредок постигнат од секоја земја вклучена во проширувањето. Ова бара решителност за спроведување неповратни реформи во сите области на правото на ЕУ, со посебен акцент на основите на процесот на проширување, се вели во документот.

Во него се наведува дека земјите кандидати за членство треба да ги спроведат неопходните реформи, обезбедувајќи трајна трансформација на нивните економии, демократски системи и општества, што бара од нив да извршат трансформативни промени, да изградат доверба и да обезбедат меѓуопштествен консензус.

– Членството во ЕУ е стратешки избор. Партнерите мора цврсто и недвосмислено да ги прифатат и промовираат вредностите на ЕУ. Усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ е позначаен сигнал од кога било досега за споделени вредности и стратешка ориентација во новиот геополитички контекст, стои во заклучоците.

Во пакетот-извештаи ЕК ја потврдува својата посветеност на пристапниот процес и на перспективата за „обединување на Европа“, но посочува и на одредени пропусти и недостатоци во секоја од државите кандидати за членство.

Во него наведува општа оценка дека процесот на проширување сега се движи побрзо отколку во последните 15 години, но и дека корупцијата останува значаен предизвик за земјите опфатени со процесот на проширувањето и дека справувањето со неа мора да биде приоритет.

Иако првично беше најавено дека Кос денеска ќе презентира и т.н. извештај пред проширувањето, во кои би биле наведени реформите што ЕУ треба да ги спроведе за да се подготви за прием на нови членки, неговото претставување беше одложено за неколку недели, најмалку до 19 ноември. (В.С.Н.)  

ИЗДВОЕНИ