„Жените уметници се жив хор од гласови кои рамноправно со своите колеги ја обликуваат историјата на уметноста, но нивните гласови честопати се задржуваат на нејзините маргини. Поривот за организирање на оваа изложба е вкоренет во потребата да се засилат овие гласови – да се донесат од маргините во центарот. Жените уметници го обликуваа уметничкиот пејзаж со нивната иновација и брилијантност, но нивните приказни често се шепотат таму каде што треба да бидат гласно објавени… “, посочи Корнелија Конеска, куратор на изложбата „Жени уметници од колекцијата на Остен“
Во Галеријата Остен, во Скопје, од завчеравечер е отворена изложбата „Жени уметници од колекцијата на Остен“, која пред јавноста го претстави извонредниот талент на петнаесетте врвни македонски женски имиња од областа на уметноста. Нивната работа и делата се високо позиционирани не само на македонската, туку и на светската ликовна сцена.
„Жените уметници се жив хор од гласови кои рамноправно со своите колеги ја обликуваат историјата на уметноста, но нивните гласови честопати се задржуваат на нејзините маргини. Поривот за организирање на оваа изложба „Жени уметници од колекцијата ОСТЕН“ е вкоренет во потребата да се засилат овие гласови – да се донесат од маргините во центарот. Жените уметници го обликуваа уметничкиот пејзаж со нивната иновација и брилијантност, но нивните приказни често се шепотат таму каде што треба да бидат гласно објавени. Овде, ја зголемуваме јачината на гласот и не дозволуваме извонредниот талент да биде засенет“, посочи Корнелија Конеска, куратор на изложбата.
Таа додава дека токму оваа изложба е покана да бидеме сведоци на мајсторството на Симонида Филипова-Китановска да ја трансформира флуидноста на акварелот во моменти на зачудувачка прецизност и емоционална длабочина…, на уметничкото дело од Росица Лазеска, која ги спојува прецизноста на архитектурата и лиризмот на ликовната уметност, создавајќи визуелен јазик каде што се среќаваат структурата и душата…, но и на експерименталната смелост од Ирена Паскали која ја доловува прогонувачката медитација на сеќавањето, идентитетот и кревките граници помеѓу присуството и отсуството …
Пред јавноста ќе бидат претставени и делата на: Евгенија Демниевска, Ана Темкова, Јана Манева Чупоска, Марија Павловска, Јасминка Новковска, Петра Јовановска, Марија Светиева Ергас, Касиопеја Наумоска, Татјана Манева, Мирјана Крстева Масети, Љубица Мешкова-Солак и Анка Данаиловска.
„Овие жени – сликарки, графичарки и мултимедијални иноваторки – ги пробиваат своите патишта низ континентите, од студијата во Скопје и Битола до галериите во Њујорк, од авангардните кругови во Келн до мирните ателјеа во Франција … и низ сложените семејни релации. Нивните дела не се само естетски изјави, туку акти на љубопитност, отпорност и пркос“, додава Конеска.
На прашањето зошто изложбата е претставена токму сега, таа кажа: „Затоа што колекција како оваа на ОСТЕН содржи богатства кои бараат да бидат видени во полна светлина. Затоа што историјата не ретко има начини да ја прикрие брилијантноста кога не се вклопува во очекуваниот наратив. Затоа што светот сè уште прашува: ‘Каде се големите жени уметници?’ – а одговорот многу често е тука некаде, чекајќи. На крајот на краиштата, причината е едноставна: овие уметници заслужуваат сцена исто толку голема колку и нивното влијание… “.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 15 јуни. (Д.Т.)