Македонија и по четири дена од натпреварувањето останува без медал на Европскиот младински фестивал, кој се одржува во Скопје, Куманово и во Осиек. Најблиску до такво нешто, или барем според квалитетот, беше натпреварувачката во таеквондо, Душица Бреслиева, која загуби во четвртфиналната рунда од Карла Сесар од Шпанија, со 0:2. Претходно во текот на денот, Бреслиева ја забележа првата победа, совладувајќи ја Матеа Јакобсен од Норвешка со 2:0, а во втората рунда триумфираше и против Украинката Анастасија Хаиворонска со 2:1. Сепак, кога беше најпотребно, потклекна пред натпреварувачката од Шпанија.

Порази во четвртиот ден од натпреварувањето претрпеа и двете македонските репрезентации во баскет 3х3. Девојките загубија од Словенија со 6:16, додека момчињата загубија од селекцијата од таа земја со 15:21.

Ниту македонскиот кајакар Кристијан Смилев, од кого се очекуваше медал, не ги оправда очекувањата на јавноста откако го освои само осмото место на финалната трка во дисциплината К1-слалом, во поединечна конкуренција, пристигнувајќи на целта со време 1:47,64. На трката на Матка, златниот медал му припадна на Марек Кулчучки од Полска, среброто – на Австриецот Макс Штрајнбренер, а бронзата се најде на градите на Јохан Шмит од Германија.

Во таа дисциплина кај девојките, триумфираше Барбора Ондрачкова од Чешка.

Во бадминтон, Велика Британија славеше двојна победа – Каљан Маној и Ишасрија Мекала ги освоија златните медали во поединечните категории за момчиња и за девојки. Во спортска гимнастика, Франција го освои златото на мешаниот тимски натпревар, а Италија и Израел ги комплетираа местата на подиумот.

На атлетските натпревари на националната арена „Тодор Проески“, Закарија Диа од Франција стигна до златото во скок со стап, прескокнувајќи импресивни 5,20 метри, пред Иван Варга од Унгарија и Виктор Јарошевич од Полска. На трката на 800 метри за момчиња, славеше Андор Шуман од Германија со време од 1:48.82, додека на подиумот се искачија и Умед Карачио од Италија и Ленерт ван Дајк од Белгија.

ИЗДВОЕНИ