Основното јавно обвинителство во Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник осомничен за нанесување телесна повреда при семејно насилство и противправно лишување од слобода.
Според обвинението, на 19 и 20 февруари, во семејна куќа во Свети Николе, обвинетиот ја нападнал својата бремена девојка со која живеел во семејна заедница. Прво ја навредувал, а потоа започнал физички да ја напаѓа, удирајќи ја со тупаници по главата и телото.
Од силните удари девојката се онесвестила. Наместо да ѝ укаже помош, обвинетиот ја однел во бањата и ја освестил со ладна вода, по што повторно започнал да ја влече за коса и да ја удира. Таа се здобила со повеќе телесни повреди.
Кога се обидела да избега, ѝ бил одземен мобилниот телефон, а потоа била заклучена во спалната соба, каде против своја волја била држена околу 15 часа. Со обвинението, јавниот обвинител поднел и предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Во тек се и дополнителни проверки по наводите на оштетената за други претходни злоупотреби.
Пред само една недела скопјанец (52) ја тепал и давел 32-годишна вонбрачна партнерка која била бремена во втор месец, по што Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка против него за Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, во домот на улицата Рајко Жинзифов физички ја нападнал бремената жена и во расправијата почнал да ја удира со тупаници и шлаканици, нанесувајќи ѝ гребаници, отоци и хематоми на главата и телото.
Оштетената почнала силно да вика и да бара помош со намера да слушнат соседите и да повикаат полиција, но колку посилно викала толку осомничениот станувал поагресивен и посилно ја удирал, а во еден момент со намера да ја замолчи ја притиснал со раце на вратот. Жртвата, за да се спаси и да излезе од домот, го убедила осомничениот да одат на гинеколог за да направат ЕХО преглед и да го видат бебето. Кога со автомобилот тргнале кон матичниот гинеколог и осомничениот застанал на семафорите на булеварот ‘Св. Климент Охридски’, оштетената успеала да избега од возилото и влегла во кафуле за да побара помош. Од човек кој седел во кафулето позајмила мобилен телефон и веднаш пријавила во полиција“, соопштија за претходното насилство врз бремена од ОЈО Скопје.












