Во кината во Скопје, во јули, филмофилите ќе можат да уживаат во различни остварувања, а на репертоарот се наслови како: Ф1 (F1), Супермен (Superman), Светот Јура: Преродба (Jurassic World: Rebirth), Штрумфови (Smurfs), Фантастична четворка (Fantastic Four)…
Љубителите на филмови, месецов, во градските кина ќе може да гледаат повеќе наслови во различни жанрови: акции, авантури, хорор, како и детски анимирани. Дел од нив ќе го привлечат вниманието на публиката со своите интересни приказни, а дел со изборот на актерите кои ги толкуваат главните улоги во овие најнови холивудски остварувања…
Ф1 (F1)
Можеби најинтересниот филм овој период во кината, а кој публиката може да го погледне, е акционата драма „Ф1“ (F1). Во него возач на Формула 1 се враќа од пензија за да биде ментор, но и да биде во тим со помлад возач. Главните улоги ги толкуваат Бред Пит, Демсон Идрис, Хавиер Бардем, Кери Кондон, Кали Кук. Режијата е на Џозеф Косински. Филмот беше долго време најавуван и со нетрпение се очекуваше од љубителите на автомобилската индустрија и автоспорт.
Супермен (Superman)
Во кината, во јули може да се види и најновиот филм за еден од најомилените стрип суперхерои – Супермен. Насловен, едноставно, „Супермен“ (Superman), во филмот Супермен мора да го усогласи своето туѓо криптонско наследство со своето човечко воспитување како новинарот Кларк Кент. Како олицетворение на вистината, правдата и човечкиот начин на живот, тој ќе се најде во свет кој овие вредности ги смета за старомодни. Режисер на филмот е Џејмс Ган, во насловната улога настапува Дејвид Коренсвет, а во останатите играат Николас Хулт, Рејчел Броснахан, Бредли Купер.
Светот Јура: Преродба (Jurassic World: Rebirth)
За љубителите на авантури, во кината може да се види и најновото остварување за диносаурусите – „Светот Јура: Преродба“ (Jurassic World: Rebirth). Во филмот, дејството се случува пет години по филмот „Светот Јура: Доминион“ (2022), при што храбра експедиција оди во изолирани екваторијални региони за да извлече ДНК од три огромни праисториски суштества за да направи револуција во медицинската наука. Во овој филм улогите ги играат Скарлет Јохансон, Махершала Али, Џонатан Бејли, Руперт Френд, Мануел Гарсија-Рулфо, а режијата е на Герет Едвардс.
Штрумфови (Smurfs)
За целото семејство, а особено за најмалите, интересен предлог периодов е анимираната авантура „Штрумфови“ (Smurfs). Во филмот, откако Велештрумф е фатен од злите волшебници Гаргамел и Разамел, Штрумфета ги води Штрумфовите на мисија во реалниот свет за да го спасат. Режијата е на Крис Милер, а гласовите ги позајмуваат Ријана, Џејмс Корден, Ник Оферман.
Ритуалот (The Ritual)
Во жешкиве летни денови, дополнително може да ‘згрее’ и хоророт кој може да се види во кината – „Ритуалот“ (The Ritual). Во филмот, двајца свештеници, едниот во криза со својата вера, а другиот соочен со турбулентното минато, мора да ги надминат своите разлики за да извршат ризичен егзорцизам. Филмот се препорачува за возраст над 16 години. Во главните улоги играат Ал Пачино, Ден Стивенс, Патриша Хитон, Ешли Грин, Абигејл Кауен, а режијата е на Дејвид Мидел.
Фантастична четворка (Fantastic Four)
Наскоро во кината, љубителите на светот на Mарвел ќе можат да го видат и новиот научнофантастичен филм „Фантастична четворка“ (Fantastic Four). Во него, принудени да ги балансираат своите улоги како херои наспрема нивните семејни обврски, Фантастичната четворка мора да ја брани Земјата од вселенскиот бог по име Галактус и неговиот енигматичен гласник, Силвер Сурфер. Режисер e Мет Шакман, а во улогите настапуваат Педро Паскал, Ванеса Кирби, Ралф Инесон, Џозеф Квин, Ебон Мос-Бахрач… (Н.И.Т.)