Бразилскиот претседател му порача на Трамп: Судењето на Болсонаро не беше лов на вештерки

13

Претседателот на Бразил Луиз Инасио Лула да Силва со изјавата дека судењето на неговиот претходник од крајната десница, Жаир Болсонаро, „не било лов на вештерки“, го оспори тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во својата прва реакција на 27-годишната затворска казна изречена на неговиот лут противник за заговор за државен удар, Лула во колумна во „Њујорк тајмс“, напиша  дека е „горд на Врховниот суд на Бразил за оваа историска одлука“, додека Трамп оваа недела ја нарече казната на Болсонаро „многу изненадувачка“.

Бразилскиот претседател е среде дипломатска криза со САД уште од судењето на Болсонаро, десничарски лидер и близок сојузник на Трамп, кој го казни Бразил со воведување царини од 50 проценти на бразилските стоки, а неколку судии на Врховниот суд на Бразил се под санкции на САД поради судењето на Болсонаро.

70-годишниот поранешен претседател беше осуден оваа недела за заговор за државен удар со цел да се спречи Лула да ја преземе функцијата, и покрај тоа што го победија на изборите во 2022 година.

„Месеци истраги открија планови за атентат врз мене, потпретседателот и судиите на Врховниот суд“, напиша Лула.

Трамп напиша дека судењето на Болсонаро „навистина го потсетило на она што се обидоа“ да му го направат – кога имал проблеми со судството затоа што ги повикал своите поддржувачи да го нападнат Капитол Хил во Вашингтон на 6 јануари 2021 година и да го спречат официјалното прогласување на победникот на претседателските избори што ги загуби, како и инаугурацијата на победникот на изборите, Џозеф Бајден.

Бразилските судови го прогласија поранешниот претседател за одговорен за поттикнување немири против седиштето на владата во Бразилија на 8 јануари 2023 година, а Болсонаро тврдеше дека е „жртва на прогон“ и од домашен притвор во својот дом во Бразилија најави дека ќе се жали на меѓународни судови.

ИЗДВОЕНИ