Појавувањето на фотографиите на поранешниот македонски претседател, Бранко Црвенковски, во друштво на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ на претстојните локални избори и натаму е тема која ја преокупира јавноста. Познато е дека на социјалните мрежи вчера се појавија две фотографии, при што, на првата, Црвенковски е фотографиран како да седи на иста маса со актуелниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, Саше Доневски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, како и со Јован Мирчевски – сопственикот на „Пупе компани“. На другата фотографија, Црвенковски е со носителката на советничката листа на ЗНАМ за Охрид, Марина Ѓорговска, инаку актуелна директорка на ОУ „Христо Узунов” – Охрид. Ѓорговска ја објавила фотографијата на својот профил на „Фејсбук“.
Охридскиот градоначалник, Пецаков, вчера за весникот ВЕЧЕР изјави дека средбата не била однапред договорена.
– Се работи за случајна средба во полн угостителски објект. Ништо друго – ни изјави Пецаков.
ВЕЧЕР денеска се обиде да добие и коментар од поранешниот претседател Бранко Црвенковски со оглед на реакциите во јавноста околу двете средби. Од неговиот Кабинет, пак, добивме одговор дека Црвенковски нема да ги коментира средбите ниту, пак, реакциите во јавноста.
– Поранешниот претседател Бранко Црвенковски останува на својот став да се воздржува од изјавите за која било тема, вклучително и за оваа – ни изјавија од неговиот Кабинет.
По завршувањето на неговата претседателска функција, Црвенковски реши да се повлече од политичката јавност во Македонија.