Не само што „растура“ со своето пеење, не само што знае харизматично да владее со сцената, притоа знаејќи и убаво да се облече, Влатко го исполни дамнешното ветување дека ќе одржи (со братот Златко), концерт! Тоа и го направи. Тричасовниот концерт во МОБ, без слободно место за седење. Жив доказ дека нè има!
Беше тоа уникатна македонска ноќ, целосно исполнета со македонски песни. Голем солистички концерт (во организација на Balkan Media Production) на Влатко Миладиноски во Македонска опера и балет, на кој беше придржуван од Оркестарот во живо на неговиот брат, Златко Миладиноски. Дојдоа и старо и младо, машко и женско.А, велат нè нема! Така барем се пее и во самата песна, македонска, патриотска. Не дека не нема, туку не има во огромен број. И сите до еден стануваа на нозе, пеејќи заедно со распеаниот Влатко. Не само дека тој одлично пее, што би се рекло „растура“, и не само што знае харизматично да владее со сцената, притоа знаејќи и убаво да се облече, Влатко го исполни дамнешното ветување дадено на својата публика: – Ќе одржам концерт! Тоа и го направи со заедничка радост и восхит.
Тричасовниот концерт во МОБ без слободно место за седење, со оние луѓе дами и господа кои душата си ја наполнија со патриотските ноти. Бидејќи на репертоарот се најдоа песни кои автентично преку текстовите раскажуваат за вечната љубов кон родната грутка Македонија.
Но, секако дека Влатко ни ги испеаја и оние незаборавни класично-љубовни помеѓу мажот и жената, кои се љубат, кои се разделуваат, кои се радуваат или тагуваат. Онака каков што е и самиот живот на земјата.
Како ексклузивни гости на Влатко и Златко настапија музичарите од далечна Колумбија. Тие на македонски, автентично ги пееја песните, предизвикувајќи кај присутните долг аплауз. Покажаа и на практичен начин колку ја љубат пријателска и братска Македонија.
Слободно може да се каже дека за ексклузивни гости се сметаа и многубројни колеги од естрадата кои на Влатко (и Златко) дојдоа без разлика на тоа што седеа и максимално уживаа во публиката, како на пример: Благоја Грујовски, Трајче Толевски-Мајка, Василија Петрова, Ристо Самарџиев, Стојне Николова…. Некои од нив се качија и на сцената, па заеднички запееја со Влатко. Така впечатокот за концертот беше уште посилен. На пример, популарниот фолкер Спасен Силјаноски, кој запеа со Влатко, отворено ја покажа својата воодушевеност, па порача: – Влатко и Златко вечерва одржаа преубава Македонска музичка лекција со нивната професионалност во секој сегмент. А, она што најмногу ме радува е фактот што покажаа дека ние можеме, дека ние имаме квалитет. Дека ние никогаш не се предаваме. Мои честитки и наклон до под за овај музички спектакл. Нивниот успех е и наш успех. Тоа е успех и на мајка Македонија! Исто искрена беше и нивната драга колешка, фолк-ѕвездата Анета Љумаковска:
– Прекрасен и повеќе од успешен концерт на кој со огромна чест присуствував. Благодарение на тебе и на твоето музицирање, нашиот големец Војо Стојаноски живее и ќе продолжи да живее. Ти благодариме што постоиш и што има на кого да се огледаме. Да ни бидеш пример како треба да се чува и негува тоа што ни го оставиле нашите доајени на македонската песна. Ти посакувам Влатко уште безброј хитови и безброј концерти.
Сè на сè, присуствувавме и ние, како акредитирани новинари (од весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press) на вистински прекрасен концерт кој долго ќе се памети, ќе се прераскажува. И за концертот ќе се пишува. Ете и затоа на браќата Влатко и Златко се им тече, глатко!
А, дека така навистина ќе биде и во иднина, сведочи и најновата најава за наредниот настап. Ова лето во Охрид на Антички театар на 7 август (воедно и прв концерт на еден фолк-пејач на оваа сериозна музичка сцена.) Одвај чекаме! Пак да се собереме и пееме во голем број. Бидејќи, навистина многу нè има!
Дуле Миќиќ
(Забрането е копирање на фотографии и текстот, како и нивното објавување на други портали)