Браќата Миса ќе го обновуваат кампот Треска во Струга

86

Бизнисмените од Струга, браќата Антон и Васил Миса, кои се сопственици на малопродажниот ланец маркети „Миса“, по неколку децении ќе го возобновуваат кампот „Треска“ во Радожда пред границата со Албанија, инаку некогаш една од најголемите туристички атракции во земјата.

Антон и Васил Миса од Струга, заедно со охридскиот бизнисмен Горан Трпески, познат по изградбата на станбени згради во Охрид, ја презедоа фирмата „ЗКВ Консалтинг“ од вевчанскиот сопственик Зоран Каланоски и ја преименуваа во „Камп Треска ДОО“, со што најверојатно се расчистени претходно замрсените имотно-правни односи и се создадени предусловите за инвестирање.

– Во фаза на преземање и планирање на просторот сме, сакаме да биде модерен камп со придружни објекти, ресторан и евентуално хотел како што е според Генералниот урбанистички план. Кога ќе имаме нешто поконкретно, ќе информираме – изјави Антон Миса.

На крајот од селото Раджда во моментов има руинирани приколки и бунгалови, но и знаци на први инвестициски активности, а прoсторот е често окупиран од диви кампери од странство. Автокампот „Треска“ некогаш беше елитен камп преполн со туристи од Македонија и регионот, а сега е споменик на транзицијата.

Автокампот „Треска“ e доизграден во 1976 година, а во 1997 година престанува да работи и заминува во стечај.

Некогашната туристичка населба, сместена во село Радожда на крајбрежјето на Охридско Eзеро, броела 300 камп-приколки, 20 бунгалови и апартмани, како и хотелски соби од хотелот. На површина од околу 60.000 квадратни метри експроприрано земјиште од радождани, овде уште беa изграденi ресторан, бифе, рецепција и управен објект, помошни простории, спортско игралиште, санитарии и посебна станица за одлив на фекалии.
Години претходно, Општина Струга и Агенцијата за промоција на туризмот се прогласуваа за ненадлежни за одржувањето на туристичката населба и на медиумите им одговараа дека не можат да се мешаат во нерасчистените имотно-правни спорови.

Последна медиумска информација е дека во 2019 година беше закажана постапката за продажба на имотот на компанијата „Треска“ преку стечајниот управник Радослав Ќипровски од Скопје, но Основниот суд Скопје 2 ден претходно одлучи да ја сопре постапката за продажба. Не е познато дали и ова одморалиште било дел од оваа постапка.

 

 

ИЗДВОЕНИ