Меѓународниот ден на џезот, 30 Април, во Скопје ќе се прослави со повеќе настани што ќе се одржуваат во паркот „Ибни Пајко“ и во Македонскиот народен театар, а во организација на Националниот џез-оркестар.
Денот на џезот е воспоставен во 2011 година, од УНЕСКО, а идејата потекнува од џез-пијанистот Херби Хенкок, кој е амбасадор на добрата волја. Настанот се одбележува со концерти, работилници, едукативни програми и со јавни настапи во повеќе од 190 земји во светот, обединувајќи ги заедниците, училиштата, уметниците и ентузијастите насекаде во светот. Џезот ја слави културната разновидност, промовира мир и меѓукултурен дијалог, ја поттикнува родовата еднаквост и ја истакнува слободата на изразување.
Оваа година, централната прослава на Денот на џезот ќе се одржи во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати. Настанот ќе биде предводен од легендарниот пијанист Херби Хенкок и воден од оскаровецот Џереми Ајронс, а ќе настапат низа најреномирани џез- артисти од светот, меѓу кои Курт Елинг, Диди Бриџватер, Маркус Милер, Артуро Сандовал, Данило Перез и други.
Кај нас, Меѓународниот ден на џезот ќе се прослави со концерт на американскиот пијанист Брајан Марсела и неговото трио, со кој нашата земја ќе го одбележи 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и САД. Настапот на Марсела ќе биде во МНТ, во 18:00 часот.
Повеќето настапи за денот на џезот, пак, ќе се случуваат во паркот „Ибни Пајко“, и тоа од 16:00 часот до полниќ. Ќе почне со „Џезот за деца“ (16:00 ч.), настап на „Бојан Цветковиќ квартет“ од Србија (19:30 ч.), па ќе следува настапот на „Јо-јо бенд“ од Бугарија (20:30 ч.). Од 21:30 часот, во паркот „Ибни Пајко“, ќе настапи и „Христијан Ристески квартет“ (музичари од Македонија, САД, Словенија), а вечерта ќе заврши со Trio Dragobert feat. Milagros Piñera – латино џез-квартет со музичари од Куба и од Австрија (од 22:30 часот).
Како што посочуваат организаторите, во случај на неповолни временски услови, сите концерти ќе бидат префрлени во салата на Македонскиот народен театар.