Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнес, на која се дискутираше за стратешките проекти и реформи во енергетскиот сектор.

На средбата беше истакната значајната улога на Стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД како мотор за економски развој, институционална соработка и долгорочна стабилност на државата. Амбасадорката Варнес ги поздрави напорите на Божиновска за системска консолидација на енергетиката и нејзино усогласување со европските стандарди, со посебен акцент на обезбедување сигурна, одржлива и конкурентна енергетска иднина.

– Стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува цврста основа за градење стабилна економија, модерен енергетски систем и силни институции. Нашата определба е јасна – реформи, транспарентност и одржлив развој во интерес на граѓаните – истакна министерката Божиновска.

Двете соговорнички се согласија дека ќе продолжат со проширување на економската соработка, интензивирање на инвестициските активности и промоција на демократските вредности, како и со заеднички напори за регионален мир, стабилност и безбедност.

Средбата е уште една потврда за цврстото и стабилно партнерство меѓу Македонија и САД, насочено кон долгорочен напредок и просперитет на државата.

ИЗДВОЕНИ