– Прецизното испитување на броилата е клучен сегмент во создавањето доверба кај потрошувачите, бидејќи секој граѓанин треба да биде сигурен дека плаќа за реално потрошената енергија. Резултатите од последната надзорна оцена потврдуваат дека Телото за инспекција на броилата на „Електродистрибуција“ целосно ги исполнува барањата – изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по посетата на акредитираната лабораторија за проверка на броилата на електрична енергија во „Електродистрибуција“, која повеќе од една деценија служи за контрола на мерењето и на исправноста на броилата.

Посетата следува по 13. реализирана редовна надзорна оцена на Институтот за акредитација на Република Македонија и на Бирото за метрологија при Министерството за енергетика, кои годинава повторно потврдија дека Телото за инспекција на броилата целосно ги исполнува барањата на меѓународниот стандард МКС ЕN ISO/IEC 17020.

Тимот на „Електродистрибуција“ пред министерката детално ги презентираше технологијата, постапките и безбедносните протоколи што се применуваат во процесот на метролошко тестирање на броилата. Министерката Божиновска ја разгледа современата опрема, меѓу која и седум испитни станици произведени од германската компанија ЕМХ, и се запозна со инженерите и со стручниот кадар, кој секојдневно обезбедува прецизно, сигурно и транспарентно тестирање на броилата што ги користат потрошувачите низ целата држава.

Министерката додаде дека Министерството за енергетика ќе продолжи со редовните обиколки и контроли на ваквите институции, со цел лично да се увери во точноста, транспарентноста и во квалитетот на процесите што се од најголемо значење за граѓаните.

– Ваквите лаборатории мора да бидат модерни, сертифицирани и кредибилни за граѓаните да знаат дека постои место каде што можат да ги проверат исправноста и точноста на своето броило. Тоа е прашање на фер однос, доверба и јавен интерес – порача Божиновска.

Директорот на Бирото за метрологија, Седат Рушани, информираше дека и во Бирото ќе биде ставена во функција современата опрема за државна контрола и верификација на броилата, која повеќе години била неискористена. Со ова, граѓаните ќе добијат можност за независна државна проверка на исправноста на своите броила, директно во институција под надлежност на државата, што ќе придонесе за зголемена транспарентност, доверба и за правичност во мерењето и во наплатата на потрошената енергија.

ИЗДВОЕНИ