Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери, со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.

На средбата со амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, се разговараше за интензивирање на билатералната соработка во рударството. Посебен акцент беше ставен на размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани можности за развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, во рамките на заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.

Министерката Божиновска оствари и средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, при што се разговараше за унапредување на соработката во енергетскиот сектор. Двете страни ја потенцираа важноста на континуирана експертска соработка, поддршка за обновливи извори на енергија и зајакнување на енергетската ефикасност преку размена на иновативни решенија.

Божиновска се сретна и со претставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group, со кои дискутираше за организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и ја прифати официјалната покана за учество. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и идните планови на Министерството за енергетика.

Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.

ИЗДВОЕНИ