„Формиравме работна група во Министерството, кој работеше неколку месеци и изработи предлог. Тој предлог кажува дека овие капацитети е најубаво да се наши, македонски, ние да го имаме овој потенцијал бидејќи тој е над 300 MW електрична енергија. Тоа ќе биде проект не само за производство за електрична енергија, туку ќе се користи и за наводнување и за туризам, што значи еден сериозен проект.“ истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во своето интервју за Македонската радио телевизија (МРТ).
Според министерката, анализите на експертите покажале дека ваков проект ќе чини најмалку 1 милијарда евра, во кој се предвидува изградба на брана од 190 метри и е еден комплексен проект кој би се градел 7-8 години. Божиновска потсети дека во изминатите декади се спроведени 14 неуспешни тендери за изградба на Чебрен.
Во изминатиот период во повеќе наврати од Владата изјавија дека ги истражуваат можните начини за финансирање на овој капитален проект, а од минатата недела истиот е дел и од листата на проекти кои би се финансирале преку договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.