Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна посета на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје, каде се запозна со современата опрема, лаборатории и можностите што училиштето ги нуди за професионално образование во електротехничкиот и енергетскиот сектор.
Во рамки на посетата, министерката разгледа кабинети за енергетски постројки, информатика, автоматика и обновливи извори на енергија, кои се клучни за практично стручно образование. Таа потенцираше дека стручното образование е основа за развој на квалификувани кадри, особено во услови на трансформација на енергетскиот систем кон поголема енергетска ефикасност и користење на обновливи извори на енергија.
– Потребата од млади и стручно подготвени кадри во енергетиката расте, а државата вложува во поврзување на образованието со пазарот на трудот преку практични вештини и соработка со индустријата – изјави министерката, додавајќи дека иновациите и енергетската ефикасност се клучни за идни кариера на младите.

Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ е едно од најнапредните стручни училишта во земјата, со целосно реновирана инфраструктура, сопствено производство на електрична енергија преку фотоволтаични панели и специјализирани кабинети за практична настава и иновации. Учениците активно учествуваат на натпревари и проекти, соработувајќи со сродни образовни институции во регионот.
Министерката Божиновска им порача на учениците дека очекува своето знаење и потенцијал да го применат во државните енергетски компании и институции, со надеж дека ќе останат во земјата и ќе придонесат за развојот на македонската енергетика.
Посетата ја зајакна дискусијата за подобрување на стручните профили и зголемување на интересот за образование кое директно ги подготвува учениците за предизвиците на современиот енергетски сектор.












