Нашата визија е јасна: да изградиме модерен, ефикасен, дигитализиран и одржлив енергетски систем што ќе обезбеди сигурно снабдување, пристапна цена за граѓаните и за компаниите, како и значително намалување на емисиите на стакленички гасови. Тоа е патот кон подобар квалитет на животот, почиста животна средина и посилна економија, порача министерката за енергетика, Сања Божиновска, во обраќањето на настанот по повод 26 Јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
– Македонија има потенцијал, визија и капацитет да биде регионален пример за успешна енергетска транзиција. Наша обврска е да го претвориме тој потенцијал во реалност. Но, енергетската транзиција не е процес што може да го води една институција, туку бара партнерство меѓу Владата, бизнис-секторот, науката, локалните заедници и граѓаните. Само заедно можеме да изградиме систем што ќе биде одржлив, праведен и отпорен на идните предизвици – нагласи Божиновска.
Според неа, денес, повеќе од кога било, е важно да се инвестира во сигурни и одржливи енергетски решенија. Но, енергетската транзиција не значи само изградба на соларни и ветерни електрани туку подразбира и целосна трансформација на системот, модернизација и дигитализација на електроенергетската мрежа, јакнење на преносните и на дистрибутивните капацитети, развој на паметни мрежи и особено развој на системи за складирање енергија.
– Живееме во време на длабоки глобални промени во кои побарувачката за електрична енергија постојано расте. Дигитализацијата, електрификацијата на транспортот и индустријата, како и развојот на вештачката интелигенција, создаваат нова реалност во која енергијата станува клучна инфраструктура за економски раст, конкурентност и за технолошки напредок. Овие процеси отвораат огромни можности, но и сериозни предизвици. Македонија има сериозен потенцијал за искористување на обновливите извори на енергија и затоа нашата стратешка определба е максимално да ги искористиме овие природни предности, да изградиме модерен, флексибилен и одржлив енергетски систем и да се позиционираме како регионален лидер во зелената енергетска транзиција – истакна министерката.
Вкупниот инсталиран капацитет на фотоволтаични електрани во земјата, информира, изнесува приближно 850 мегавати, со јасен тренд, како што рече, за натамошен раст.
Постојаниот пораст на бројот на соларни електрани е резултат на зголемениот интерес на инвеститорите, но и на граѓаните, кои сè повеќе ја препознаваат сончевата енергија како сигурно, исплатливо и одржливо решение. Овој интерес е видлив и преку интересот за нови инвестиции. Лани, првпат државата доби годишен план за инвестиции. Само во овој план од 2025 година има 481 барање за изградба на нови ветерни, соларни и гасни електрани. Особено е важно што има интерес и за батериски системи за складирање енергија, со што употребата на енергијата од обновливи извори ќе може да биде уште поголема. Веќе сме во финална фаза со планот за 2026 година и очекуваме уште повеќе издржани иницијативи за инвестиции – подвлече Божиновска.












