Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, при работната посета на Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните перспективи во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги остварува од концесиските активности.

На средбата беше истакнато дека Прилеп е меѓу општините со најголем број активни концесионери во државата, што има директно влијание врз локалниот економски развој, отворањето нови работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците дискутираа за ефектите од зголемените концесии, но и за потребата од внимателно одржување на балансот меѓу економскиот раст и заштитата на животната средина.

Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше нагласена важноста од доследно почитување на законските обврски, стандардите за работа и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел обезбедување одржлив развој на секторот.

„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.

Во рамки на разговорите беше најавено и унапредување на инспекцискиот надзор, со отворање нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Со засиленото присуство на инспекциските служби на терен се очекува поефикасна контрола, навремено постапување и зголемена транспарентност во работењето на концесионерите.

Министерката порача дека Министерството ќе продолжи со партнерски пристап кон локалните самоуправи, со јасна определба – рударството да се развива како значаен економски двигател, но со целосно почитување на законите, стандардите и интересите на граѓаните.

ИЗДВОЕНИ