Божиновска: Ја враќаме енергетската моќ во македонски раце!

31

Презентирајќи ги постигнувањата во изминатава една година откако е формирано новото Министерство за енерегтика и рударство и минерални суровини, министерката Сања Божиновска рече дека изградена е институција која ја движи енергетиката.

– Ќе инвестираме, ќе се модернизираме, сакаме да ја имаме Македонија енергетски силна, економски стабилна и еколошки чиста, да ја вратиме енергетската моќ во македонски раце – потенцираше Божиноска.

Таа потсети дека цената на електричната енергија останува иста, односно дека цела оваа година ќе остане непроменета, а граѓаните ќе имаат греење, светлина и енергија за своите бизниси, особено нагласувајќи го и значењето на новиот Закон за енергетика.

Божиновска рече дека на тендерот за интерконекторот со Грција е постигната пониска цена за 12 милиони евра и дека е вклучена македонска компанија, а исто така најави дека до 10 јули ќе има свеченост за почеток на работите на гасниот конектор.

Министерката се осврна и на тоа дека минатата година беа поделени 6000 ваучери за инвертер клими, а се надева оти до крајот на годната ќе има уште една таква акција.

– Шеесет милиони денари поделивме за ранливите потрошувачи, а 7000 домаќинства ќе добиваат струја од фотоволтаици кои се поставени на некогашните рудници. Во рударството се надевам сите забалежаа дека има големи промени, спроведовме 405 инспекции, одземавме дозволи на оние што не ги почитуваат правилата, го зголемивме тарифникот за концесии, во првиот квартал наплативме 247 милиони денари, двојно повеќе од лани, го полниме Буџетот – истакна Божиновска.

Таа истакна дека се воведува ред, контроли, инспекции што е сериозен предизвик но дека не може брзо да се реагира, но сепак се поставуваат темелите, затоа што нема да се дозволуваат компромиси.

Десетгодишниот план за развој на преносната мрежа  предвидува воведување на паметни броила без паушал и со јасни сметки, батериски системи со обврска за складирање на 20 проценти од произведената енергија за заштита на мрежата, воведена е методологија за енергетска сиромаштија и обезбедена е забрана за исклучување на струја во зимските месеци за ранливите домаќинства.

Таа потсети и на проектот за енергетско поврзување со Албанија, за што е објавен тендер, а стартот се планира за следната година. За проектот за гасна мрежа со Србија, пак, е потпишан меморандум, студиите се готови и се работи на хидроген компонентата.

Со инвестициски циклус во преносната инфраструктура се ветува крај на ризиците од испади со нова трансформаторска станица ТЦ Битола 2, за сигурност на снабдувањето за Струга, Охрид, Ресен, Битола и Прилеп.

– Затекнавме исцрпени хидролошки капацитети – водостој на критично ниво од 4 проценти, а со внимателно и одговорно менаџирање, година подоцна водостојот е над 50 проценти капацитет – посочи Божиновска.

Од Министерството најавуваат дека до крајот на годинава ќе се донесат закони за обновливи извори, за енергетска ефикасност, за јавно-приватно партнерство, за геологија и рударство со кој првпат се заштитува македонскиот рубин како национално богатство.

Една година по основањето, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има 109 вработени, 53 жени и 56 мажи.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ