
На Божиќ, кога војната во Украина фрла сенка врз Европа, загриженоста за имиграцијата ги дели општествата, а некои политичари поттикнуваат гнев и негодување, британскиот крал Чарлс Трети денес ги повика граѓаните да се фокусираат на љубезноста наместо на конфликтот.
Во своето годишно обраќање на Божиќ од Вестминстерската опатија, Чарлс рече дека божиќната приказна за мудреците и овчарите кои патуваат низ ноќта за да го пронајдат својот спасител покажува како силата може да се најде во „дружењето и љубезноста“ , пренесе „Бета“.
„До ден денес, во време на неизвесност, овие начини на живот се негуваат од сите големи вери и ни даваат длабоки извори на надеж, на отпорност во услови на неволји. Тоа е мир преку простување, едноставно запознавање на нашите соседи и покажување почит едни кон други, градење нови пријателства“, рече Чарлс.
Британскиот крал рече дека со големата разновидност на заедниците, постои сила што може да се најде во доброто над злото.
Говорот, кој заврши со божиќна песна испеана од украински хор, доаѓа во време кога европските лидери ја собираат поддршката за Украина, среде знаците дека американскиот претседател Доналд Трамп губи трпение со традиционалните европски сојузници на Америка.
Чарлс ја избра Вестминстерската опатија за своето божиќно емитување за да ја истакне темата за поклонение што се провлекуваше низ неговиот говор.
Опатијата, позната како место на крунисувања и кралски венчавки, е исто така во центарот на годишното поклонение во чест на Едвард Исповедникот, еден од првите кралеви на Англија, кој бил прогласен за светец во 1161 година.
„Поклонение е збор што се користи поретко во денешно време, но е од особено значење за нашиот современ свет, а особено за Божиќ. Тоа е патување напред во иднината, но и патување назад за да се потсетиме на минатото и да учиме од неговите лекции“, рече британскиот монарх.
Чарлс и неговото семејство порано денес тргнаа пеш за да присуствуваат на миса во црквата Света Марија Магдалена на приватниот имот на кралот во Сандрингам, околу 100 милји северно од Лондон.
Божиќната порака на монархот ја следат милиони луѓе во Велика Британија и низ целиот Комонвелт, група од 56 независни нации, од кои повеќето имаат историски врски со Велика Британија.
Снимениот говор беше емитуван во 15 часот по лондонско време, бидејќи многу семејства ви тој период уживаат во својот традиционален божиќен ручек.











