По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до сите верници упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога.
„Еве, повторно стоиме пред тајната на Божик-пред тајната на Божјото доаѓање на земјата. Кога човештвото и сиот свет беа обвиени во гревовна темнина, Бог не остана далечен, туку слезе меѓу нас и, бивајќи Светлина, ја порази и ја истера темнината, и не со сила- туку со љубов. Со овој спасоносен настан се исполни времето и се откри Божјата волја: Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Затоа Божик не е само спомен на минатото, туку е откровение на вечната Божја намера: човекот да живее во заедница со Него.
Оваа радост, најнапред, ја возвестија ангелите, објавувајќи ги славата на небото, мирот на земјата и добрата волја којашто повторно се раѓа меѓу луѓето. Па целиот човечки род во длабочината на своето срце го носи копнежот по Божјото присуство, копнежот за близина со живиот Бог. И токму на овој ден, сето тоа го добиваме како дар. Примајќи човечко тело, Тој го сокри Своето Божество, за да го приближи до Себе, да го обожи и да го спаси човекот“- порача до верниците архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Тој во Божикното послание упати порака да постапуваме правилно, совесно и добродушно на местото каде што Господ нè поставил, да не се обесхрабруваме, туку да истраеме, дури и доколку ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно.
„Живееме во свет во којшто има неправди и беззаконие, каде што не само што не се почитуваат Христовите заповеди, туку и владеат норми најдиректно спротивни на нив. Но, да не дозволиме тоа да ни стане прифатливо и вообичаено. Да не се сообразуваме со овој свет, туку нашиот живот во светот да го сообразиме со Христовите заповеди. Овој голем празник којшто го чествуваме, на преминот од старата во новата година, како да е природно така поставен во времето за да нè поттикне, од една страна, да се осврнеме наназад и да созерцаваме за изминатата година, да согледаме што е тоа што сме го направиле добро, доколку го има, а од друга страна, да се устремиме кон иднината и да видиме во што треба да се поправиме и што сакаме да направиме уште подобро. Она што го извлекуваме како поука и што си го задаваме себеси како задача е тоа да ги поправиме нашите пропусти, да ги победиме нашите слабости. Потребно е да сфатиме дека секоја наша постапка носи последици. И мали пропусти можат да доведат до големи несреќи, како што и малите добрини и правилните постапки доведуваат до бројни големи и добри дела. Тоа е така, зашто Господ помага во секое добротворење и кога ги гледа нашите добрина и труд -ги пополнува нашите недостатоци, а доброто дело го доведува до крај“ порачува меѓу другото поглаварот на МПЦ-ОА во Божикното послание притоа додавајќи:
„Тоа е потребно да го знаеме и тоа нека биде нашата решителна определба во претстојното лето Господово: да постапуваме правилно, совесно и добродушно на местото каде што Господ нè поставил. Да не се обесхрабруваме од тоа што спротивните сили навидум нè надвладуваат, туку да имаме бодрост да истраеме, дури и доколку ни се чини дека она што го правиме е мало и безначајно. Близината Божја нека не поткрепува и нека ни дава надеж дека Господ е со нас во сите денови од нашиот живот. Со такви мисли и молитвени благопожелби, на сите чеда на Мајката Македонска Православна Црква-во Татковината и насекаде до каде што не има по светот, Ви ги честитаме Божикните и Новогодишните празници, поздравувајќи ве со серадосниот поздрав: Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!“-порачува во Божикното послание поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан.












