Божиќ на Трампов начин: Нема да дозволам злобниот Дедо Мраз да се инфилтрира во нашата земја!

41

Седнати покрај елката во резиденцијата „Мар-а-Лаго“ во Флорида, американскиот претседател, Доналд Трамп, и неговата сопруга, Меланија, добиваа телефонски повици од деца што се јавуваа во Северноамериканската команда за воздушна одбрана (NORAD), која ги следи санките на Дедо Мраз низ целиот свет секој Бадник, пишува „Скај њуз“.

Зборувајќи со децата, претседателот Трамп, меѓу другото, им рече дека нема да дозволи „злобниот Дедо Мраз“ да се инфилтрира во САД, но и дека е прекрасен јагленот. На крајот им испрати уникатна божиќна честитка на сите Американци.

Кога го прашаа две деца од Оклахома, на возраст од четири и од десет години, зошто го следи Дедо Мраз, Трамп одговори:

– Сакаме да бидеме сигурни дека не е инфилтриран, да не се инфилтрира лошиот Дедо Мраз во нашата земја.

Додека одговараше со Меланија на прашањата, тој често ја фалеше состојбата во земјата, велејќи дека е „одлична“ и дека „бројките се одлични“. На осумгодишно девојче од Канзас што рече дека не сака јаглен за подарок, Трамп му одговори: „Мислиш на чист, убав јаглен? Морав да го направам тоа, жал ми е“.

– Јагленот е чист и убав. Ве молам, запомнете го тоа, по секоја цена. Но, не сакате чист, убав јаглен, нели? – рече Трамп на што девојчето одговори со „не“ и додаде дека би сакало да добие кукла „барби“, облека и бонбони.

Претседателот, според објавените снимки, изгледа расположено додека разговара со децата и рече дека може да прима повици цел ден. Но, брзо потоа додаде дека, веројатно, ќе мора да се врати на „други работи“, вклучувајќи ги Украина, Русија и Кина.

Во друг момент, додека беше првата дама на телефон, Трамп ѝ забележа дека му обрнува многу малку внимание и прокоментира: „Таа може целосно да се фокусира, без да слуша“.

Тој, исто така, рече дека ја сака Пенсилванија кога разговараше со петгодишно момче од таа држава, додавајќи дека републиканците извојувале „убедлива“ победа на последните избори.

Откако заврши со детските повици, со објава на „Трут соушл“, Трамп им го честиташе Божик на сите Американци.

– Среќен Божиќ на сите, вклучувајќи го и радикалното левичарско ѓубре што прави сè што е можно за да ја уништи нашата земја, но тешко пропаѓа.

ИЗДВОЕНИ