Најавата за реактивирање на хидроцентралата го разбуди гневот на „Екосвест“, која предупредува дека проектот ја загрозува критично загрозената популација на балканскиот рис и ја крши Бернската конвенција. Еколошките активисти, исто така, ја доведуваат во прашање економската оправданост на проектот и повикуваат за итно репрогласување на Националниот парк за одржлив развој и заштита на природното наследство

 

Најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можно реактивирање на проектот за хидроцентралата „Бошков мост“ повторно ја раздвижи јавната дебата за границата меѓу енергетскиот развој и заштитата на природното наследство. Реакцијата овој пат дојде од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“, кој во отворено писмо предупредува дека станува збор за проект што одамна ја загубил својата правна, еколошка и економска оправданост.

Според „Екосвест“, „Бошков мост“ е спротивен на националното законодавство, меѓународните обврски на државата и современите еколошки стандарди, а претставува и директна закана за интегритетот на Националниот парк „Маврово“. Особено се потенцира судирот со Бернската конвенција, на која државата ѝ припаѓа како потписник.

Еколошките организации потсетуваат дека уште во 2015 година Комитетот на Бернската конвенција предупредил дека изградбата на „Бошков мост“ директно ги загрозува репродуктивната средина и опстанокот на балканскиот рис – критично загрозен вид, чие последно природно живеалиште е токму Маврово. Комитетот тогаш повика за целосен прекин на сите хидроенергетски проекти во рамките на паркот.

Десет години подоцна, во 2025 година, Бернскиот комитет повторно констатира дека државата не направила суштински напредок во спроведувањето на препораките, вклучително и откажувањето на концесиите и итното репрогласување на паркот според меѓународните стандарди.

Покрај еколошките ризици, „Екосвест“ ја оспорува и економската логика на проектот. Според нив, анализите на независни експерти и меѓународни финансиски институции покажале дека „Бошков мост“ е финансиски неоправдан. Големите трошоци за изградба, минималното производство на електрична енергија и трајната штета врз екосистемот, според нив, го прават проектот економски неодржлив.

Во услови кога соларната и ветерната енергија стануваат сè поефикасни и поевтини, еколошките активисти сметаат дека враќањето кон вакви хидроенергетски проекти претставува чекор назад во енергетската политика и сигнал за напуштање на принципите на зелена транзиција.

Како клучен системски проблем се посочува и тоа што долги години не е повторно прогласен Националниот парк „Маврово“. Според „Екосвест“, токму оваа правна празнина овозможува реализација на инфраструктурни и градежни зафати што постепено го нарушуваат интегритетот на едно од највредните природни подрачја во државата. Репрогласувањето, велат тие, не е формалност, туку неопходен механизам за воспоставување јасна и обврзувачка рамка за заштита, усогласена со стандардите на IUCN и со меѓународните обврски на земјата.

Од организацијата нагласуваат дека нов закон за Националниот парк „Маврово“ би ставил крај на ад хок одлуките, политичките притисоци и проектите што, како што велат, го жртвуваат јавниот интерес за краткорочни економски цели. Воедно, репрогласувањето би отворило простор за одржлив развој на регионот, преку екотуризмот, традиционалните дејности и зелените економски активности, кои би донеле подолгорочна економска сигурност за локалното население.

Со својата реакција, „Екосвест“ го повикува премиерот да покаже лидерство засновано на науката, меѓународните обврски и на јавниот интерес, а не на, како што велат, застарените енергетски концепти. Пораката е дека природата не смее да се третира како ресурс за брз профит, туку како заедничко наследство што државата има обврска да го зачува.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ