Министерот за спорт, Борко Ристовски, ги пречека младите македонски каратисти, кои со голем успех настапија на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У-21, одржано во Лимасол, Кипар.
На овој европски шампионат, најзначаен резултат постигна македонскиот репрезентативец, член на карате клубот Олимпик, Матеј Белистојаноски, кој ги освои златниот медал и титулата европски шампион во категоријата до 67 килограми, У-21. Вториот медал за Македонија на ЕП 2026 во Лимасол го освои младиот и талентиран каратист од карате клубот Металург, Немања Младеновиќ, кој се закити со сребрениот медал во категоријата над 70 килограми.
За успехот што го остварија на европскиот шампионат, овие млади македонски спортисти ќе добијат и финансиска поддршка од Министерството за спорт, соопшти министерот Борко Ристовски.
- Честитки за нашите каратисти за освоените медали. Каратето не е олимписки спорт, но големиот интерес за каратето, за нас, претставува успех и пример за тоа во кој правец треба да се движи спортот. Овие двајца млади европски медалисти ќе бидат ставени на специјална програма на финансирање од Министерството за спорт, затоа што достојно ја презентираа Македонија на Европско првенство и ги презентираат сите оние вредности за кои е залага Министерството за спорт. Исто така, ќе разговараме и за тоа каратето, како спорт, да добие поголема поддршка, затоа што навистина продуцира вредности, резултати и масовност. Токму ваквите успеси и ваквите деца се показател за тоа дека може да се постигнат успеси и дека може да се освојуваат европски медали – порача министерот Борко Ристовски.

На Европското првенство 2026 во карате за кадети, јуниори и помлади сениори У-21, во силна конкуренција меѓу 1.276 натпреварувачи од 47 држави, Македонија беше претставена со 36-мина учесници, а најуспешен меѓу нив беше новиот европски шампион, Матеј Белистојаноски.
- Ова е мој втор европски медал, прв златен и горд сум што ја претставив Македонија во најдобро светло. Се надевам на уште поголеми резултати во иднина и на медал во сениорска конкуренција – рече златниот медалист од ЕП, Матеј Белистојаноски, упатувајќи благодарност за поддршката.
Достојни настапи и нови успеси во иднина вети и младиот каратист, Немања Младеновиќ, кој се врати од ЕП во Лимасол со сребрен медал и со вицешампионска титула во својата категорија.
- Се надевам дека во иднина ќе имаме уште подобри резултати и ќе ја израдуваме Македонија со уште повеќе медали – истакна Немања Младеновиќ.
Министерството за спорт и во наредниот период ќе продолжи со поддршка на развојот на младинскиот и на врвниот спорт, со цел создавање подобри услови за напредок на македонскиот спорт и за постигнување значајни меѓународни успеси.











