Премногу чувства, искреност, скромност и пред се, љубов кон родниот крај, е она што останува највпечатливо во очите кога се гледаат сликите на Борис Петров. Неговото творештво бележи слики од секојдневието во родниот крај, старата македонска архитектура, народниот вез, калинките, свилената буба и кожурците, како типични плодови на македонскиот југ, дојранските колиби и мандри, со еден збор, тој слика се околу себе. Во саботата вечер, Гевгелија беше вистински храм на ликовната уметност. Со промоција на монографијата „Борис Петров – 70 години творештво“ и со изложба на негови дела, во Гевгелија беа одбележани деведесет години од животот и седумдесетгодишниот творечки јубилеј на академскиот ликовен уметник Борис Петров.
Петров, веќе седум децении создава во родната Гевгелија слики со оригинален и препознатлив стил, слики кои ја пренесуваат неговата возвишена порака на љубов и радост за окото и душата. Градот Гевгелија пак, за сето негово творештво и сиот негов придонес кон културното живеење на општината, на најубав можен начин, со оваа изложба, му возврати на уметникот кој веќе седум децении ја слика убавината на југот на Македонија. Изложените 100 ликовни дела на едно место, преполнетиот хол на хотелот Аполонија со негови колеги, познаници, пријатели и сограѓани, направија изложбата на Борис Петров да биде најголемата ликовна изложба досега приредена во Гевгелија.
Денот на сесловенските просветители „Светите Кирил и Методиј“ 24 Мај, како и Денот на македонската просвета, се чини беше убаво избран датум за овој, голем и значаен јубилеј на уметникот и педагог Борис Петров, за кого еминентните стручњаци ќе речат дека е мајстор на македонскиот топол колорит.
Овој несекојдневен културен настан, кој е дел од програмата на „Гевгелија – град на културата 2025“, поддржан од Општина Гевгелија, која воедно го помогна издавањето на монографијата, го отвори претседавачот на Советот на Општина Гевгелија, Ѓорге Попов. Тој прераскажа едно обраќање на Петров на отворањето на изложба во Кукуш, сега соседна Грција, во кое уметникот ја посочува токму уметноста и културата кои не познаваат никакви граници, бидејќи нивната мисија е да спојуваат вредности заеднички за сите луѓе. Таа мисија, рече Попов, Борис Петров со успех ја врши веќе 7 децении.
Археологот кустос-советник Бобан Хусеновски во своето обраќање истакна:
„Се собравме вечерва сите ние, негови сограѓани, да го поздравиме успешниот уметнички пат на Петров, уметник, кој зад себе остави седумдецениско плодно педагошко и пред се, ликовно творештво. Покрај неговата лична среќа која произлегува од неговата креативност и односот кон животот и природата, вечерва тој сите нас, посетителите, не направи среќни и продуховени“, рече Хусеновски.
Изложбата „Борис Петров- 70 години творештво“ ја отвори и за творештвото на славеникот говореше Климе Коробар, историчар на уметноста :
„Секоја слика на Борис Петров е сведок на некој миг, глетка од југот, при што сликите се полни со воздух и рафинирана светлина. Тој е мајстор на бојата, а неговата палета претставува хармонија на бои кои ги црпи од природата.
Борис Петров поседува една магична моќ да го разложува треперењето на блесокот на боите на виножитото, пренесувајќи не во прекрасните пејзажи онаму каде што Медитеранот навлегува по течението на Вардар во Демиркаписката Клисура… Оваа клисура, заедно со пејзажите покрај Вардар, житните полиња, пределите во гевгелискиот крај. Дојран, насликан со оригинална експресивна форма на неговите мандри, со синевината на езерото и секогаш богатиот колорит на изразот, зазема посебно место во неговото творештво. Во мртвата природа на неговите слики преовладуваат плодовите и културите на југот, калинката, смоквите, свилената буба, кожурците и секако свилениот конец“, истакна Коробар.
На присутните им се обрати и самиот автор:
„Отсекогаш се чувствувам како среќен човек, бидејќи ми се пружила можност да се занимавам со толку возвишена професија, создавајќи и живеејќи опкружен со убавини. Пејзажот и поднебјето беа и останаа моја вечна инспирација што ме води низ уметничкото патување. Имав можност моето творештво да го презентирам на бројни самостојни и групни изложби, организирани во татковината и во странство, придонесувајќи во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност“
Во прекрасно дизајнираната монографија, чии автори се Кире Јанишлиев и Данчо Калчев, е содржан неговиот ликовен пат, од неговиот прв детски цртеж, нацртан со помош на војникот Илија од Белград, преку неговата прва професионална слика на убавиот пејзаж од Нерези, крај Скопје, па сè до последните негови слики кои се со оригинален и препознатлив стил.
Академскиот сликар Борис Петров е роден во Гевгелија во 1935 година. Сликарство завршил во училиштето за применета уметност во Скопје, во класата на Лазар Личеновски, и Педагошка академија, отсек сликарство во Скопје. По враќањето во Гевгелија, кратко време работи како наставник по ликовно воспитување во Валандово, а од 1958 работи како ликовен педагог во ОУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, сè до своето пензионирање. Член е на ДЛУМ од 1969, а неговата инспирација е поднебјето под кое живее и твори. Својата прва самостојна изложба ја имал во Гевгелија во 1959. И во својата 90-та година сè уште твори и учествува на ликовни и културни манифестации, држејќи се до аманетот на неговите професори да не го бара Пикасо во себе, туку да го слика преубавото гевгелиско и дојранско поднебје. (Љ.А.)