Борис Џонсон за „збогум“ од Владата добил шестцифрена сума, па продолжил да печали на стара слава

На виделина документи што покажуваат како поранешните британски премиери ги кршат правилата за етика

119
EPA/STR

E-поштата, писмата, фактурите, говорите и деловните договори што излегоа на виделина откриваат како поранешниот британски премиер, Борис Џонсон, профитирал од контактите и од влијанието што ги стекнал додека бил на функција, што е можно кршење на правилата за етика и лобирање, пишува „Гардијан“.

Овие податоци што протекоа од неговата приватна канцеларија фрлаат светлина врз внатрешното работење на јавно субвенционираната компанија што ја основал Џонсон откако заминал од Даунинг стрит во септември 2022 година, според „Гардијан“. Весникот тврди дека ова потсетува на скандалот со лобирањето „Гринсил капитал“ во кој е вклучен друг поранешен британски премиер, Дејвид Камерон. Дополнително, случајот би можел да постави прашања за надоместоците финансирани од британските даночни обврзници што ги добиваат поранешните премиери за да ги водат своите приватни канцеларии.

„Гардијан“ наведува дека досиејата на Борис содржат повеќе од 1.800 документи, вклучувајќи некои што датираат од времето на неговиот мандат како премиер. Тие откриваат дека, меѓу другото, додека бил на функција, преку посредник имал деловна соработка со автократскиот саудиски престолонаследник Мохамед бин Салман. Подоцна се состанал и со венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, кој додека беше на функција, го нарекуваше „диктатор на злобен режим“. Според протечените документи, во февруари минатата година, Борис Џонсон го повикал својот стар политички противник, Дејвид Камерон, тогашен министер за надворешни работи, од приватен авион некаде над Карипското Море, за да го информира за својата посета на Мадуро. Рекол дека на состанокот со него бил и помалку познатиот Мартен Петерман, менаџер на хеџ фонд. Од него добил 240.000 фунти, открива „Гардијан“. Фактурата за оваа сума, плус дополнителни 40.000 фунти, била платена на 7 мај годинава. Досиејата содржат договор со „Мерлин адвајзорс“ во кој се наведува дека Џонсон „стекнал уникатно искуство и знаење за внатрешната политика и за меѓународните односи на британската Влада во текот на долгата кариера“. Според договорот, требало да му биде исплатен надоместок од 200.000 фунти за секој одржан состанок, како и по 35.000 фунти месечно за поддршка на тинк-тенк што размислувал да го основа во Велика Британија. Меѓу другото, документите посочуваат и на очигледно кршење на антипандемските правила. Џонсон организирал вечера за колега од конзервативците кој го финансирал раскошното реновирање на неговиот стан на Даунинг стрит, по еден ден откако стапил на сила вториот национален карантин.

Џонсон не одговорил на барањата на „Гардијан“ за коментар. Датотеките се добиени од Дистрибуирано негирање тајни (DDoS), непрофитна организација регистрирана во САД, која архивирала и хакирала документи. Информациите за тоа како изградил Џонсон профитабилна кариера во приватниот сектор покажуваат малку позната шема што им овозможува на поранешните британски премиери да бараат владини пари за плаќање трошоци „што произлегуваат од нивната посебна позиција во јавниот живот“, според „Гардијан“. Тоа е годишна исплата на шестцифрена сума, позната како додаток за трошоците за јавни давачки. Таа субвенција е наменета за поддршка на јавните должности на поранешниот премиер, а не за приватни или за комерцијални активности. Досиејата ги отвораат прашањата за тоа дали Џонсон ги замаглил тие граници додека ја водел Канцеларијата на Борис Џонсон, друштво со ограничена одговорност основано по еден месец откако замина тој од Даунинг стрит. Официјалните бројки покажуваат дека тој побарал субвенција од 182.000 фунти откако ја напуштил Владата.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ