На теренот кој ги памети најголемите моменти на светскиот тенис, во Париз, вечерва од 20 часот не очекува полуфиналниот дуел на Ролан Гарос во кој ќе се сретнат Јаник Синер и Новак Ѓоковиќ. Додека едниот носи свежина и глад за докажување, другиот влегува во мечот како синоним за шампион, познат по својата непоколеблива волја и желба секогаш да се бори до крај.
Нема сомнеж дека ова ќе биде вистински судир на генерации: младиот Италијанец, моментално број еден на АТП листата, против најдобриот на сите времиња. Синер е во неверојатна форма, а неговото враќање на теренот по симнувањето на етикетата на допинг прекршител дополнително му ја разбуди желбата да покаже се што знае на земјата во Градот на светлината.
Од друга страна, Ѓоковиќ, иако во ветеранските години, сепак останува бестрашен – по возбудливата победа над Зверев во четвртфиналето, покажа дека искуството сепак носи тежина. Новак е свесен за силата на својот ривал, но знае дека Париз е терен на кој не попушта лесно. Со својата ментална цврстина и способност да го подигне нивото на игра кога е најважно, противникот ќе мора сериозно да се подготви, пред се психички.
Претходните средби велат дека двајцата играле десет пати, но никогаш во Париз. Иако Ѓоковиќ има историска предност на земјена подлога, Синер победи на последните четири меча и сега сака да ја потврди таа серија на Ролан Гарос. Неговата брзина, прецизност и свежина ќе бидат голема пречка за Ѓоковиќ, кој, пак, ги има сите адути да одговори на темпото на Синер.
На овој дуел се очекуваат емоции, страст и борба до последната топка. Публиката на теренот на Филип Шатрије секако ќе има можност да биде сведок на еден од највозбудливите натпревари на овој турнир, а кој ќе излезе како победник? Ова е прашање кое со нетрпение чека одговор.
Она што е сигурно е дека нè очекува тениски спектакл – дуел кој може да донесе ново поглавје во ривалството кое штотуку се пишува.
Ивор: Телеграф.рс