Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, објави на својот фејсбук-профил дека по пет години од поднесувањето на апликацијата пред Европскиот суд за човекови права, во однос на пресудата против неа за предметот „Тенк“, за набавка на блиндирано возило марка „мерцедес“ за потребите на државата, Судот во Стразбур ги потврдил повредите на правото на правично судење во предметот против неа.
– Овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада – напиша поранешната министерка за внатрешни.
Иако Јанкулоска ја одлежа затворската казна и, како што пишува, никој не може да ѝ ја надомести штетата, сепак, оваа одлука на Судот за неа претставува лична сатисфакција.
– Госпоѓата која денес е на столб на срамот, а која за своите злодела беше дебело наградена со висока функција од страна на претходната власт, е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор – пишува Јанкулоска алудирајќи на актуелната уставна судијка Добрила Кацарска, која го судеше предметот „Тенк“ кога беше судијка за организиран криминал во Основниот кривичен суд Скопје.
Во жалбата на Јанкулоска се тврди дека таа од позиција на обвинета немала можност да ја оспори автентичноста на прислушуваните разговори, ниту имала пристап до целата документација, што ја нарушило рамноправноста на странките. Дополнително, Судот го анализира влијанието на судијката Добрила Кацарска. Се проверува дали нејзини претходни јавни изјави можеле да создадат впечаток на предвремено определување вина кај Јанкулоска.

Во жалбата се наведува дека еден поротник не учествувал во советувањето и во гласањето, а во второстепената постапка на Врховниот суд биле заменети двајца судии без јасно образложение.

Дописот од Стразбур до македонската Влада го коментира и адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на Јанкулоска, кој ја подготви нејзината апликација до ЕСЧП.
Вели дека судскиот предмет ‘Тенк’ е case study во којшто се отсликуваат сите проблеми и целата трулост на македонското ‘пупка’ судство.
– Срамно користење на прислушкувани разговори како докази, повреда на правото на одбрана (експресно судење, нееднаквост на оружјата и неконтрадикторност на постапката), отсуство на независност и непристрасност на судиите, повреда на презумпција на невиност, немање пристап до суд па дури и отсуство на суд (трибунал) основан со закон, вели Илиевски
За предметот „Тенк“, кој го истражуваше Специјалното обвинителство на Катица Јанева, освен Јанкуловска, беа обвинети и тогашниот премиер, Никола Груевски, кому му застари делото, и помошник-министерот Ѓоко Поповски, кој ја одлежа четиригодишната затворска казна.

– Видете кој го водеше овој случај „Тенк“ и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија, денес ги атакува пензионерите за линеарното зголемување на пензиите, сака да им го одземе тоа право, а, од друга страна, бараат двојно, тројно поголеми пати. А гледате какви пресуди носат – политички октроирани. За жал, мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур, поради ваквите малкумина судии, кои, за жал, го контаминираат нашето судство и малкумина обвинители, кои, за жал, го контаминираат нашето Обвинителство – изјави премиерот Христијан Мицкоски по одлуката на Судот за човекови права во корист на Јанкулоска и ја нагласи потребата од реформи во правосудството.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторно ја прозваа уставната судијка, која е на „тапет“ на партијата откако Уставниот суд, на нејзин предлог, поведе постапка за членот од законот со кој се уредува линеарното зголемување на пензиите.
– Кацарска, како послушничка и извршителка на Заев, беше наградена за предметот за 27 април, предметот го обликуваа во обвинителен акт и за него пресуди драконски затворски казни од преку 200 години во нехумана и нефер судска постапка, изживувајќи се врз луѓето со рочишта што траеле и по 12 часа – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Првично, за случајот „Тоа на М“, поранешната министерка за внатрешни беше осудена на шест години за, по жалба, да ѝ биде намалена казната за две години, а од затворот „Идризово“ излезе една година порано, со условен отпуст. Обвинението, кое го застапуваше актуелната обвинителка во Вишото јавно обвинителство, Фатиме Фетаи, беше за наместен тендер за купување на „мерцедес“ од 600.000 евра, преку МВР. (П.А.)












